Денеска во Центарот за обука во Идризово од страна на Министерството за внатрешни работи беше извршена презентација на националната „Проценка на закани од сериозен и организиран криминал“ на која што присуствуваа министерот за внатрешни работи м-р Митко Чавков, директорот на БЈБ м-р Горанче Савовски, претставници од дипломатскиот кор како и претставници на Мисијата на ОБСЕ и DCAF со чија помош се реализираше проценката.
Како што истакна министерот Чавков оваа национална проценка е прва од овој вид изработена во Република Македонија и претставува нов начин на пристап во борбата против сериозниот и организираниот криминал, заснована на темелни анализи на главните закани од криминалот со кој се соочува Република Македонија
„Транснационалниот и организиран криминал преставуваат сериозна и растечка закана за националната и меѓународната безебедност, со големи последици за јавната безбедност, демократските институции и економската стабилност во секоја земја. Не само растечкиот тренд на организираните криминални мрежи, туку и диверзификацијата на нивните активности кои резултираат со навлегување во сите општествени сфери, преставуваат сериозна закана за владеењето на правото и општеството во целина.“ – истакна Чавков
Појаснувајќи ги целите кои беа остварени со овој проект министерот Чавков истакна дека учеството во овој проект овозможи да се зајакнат капацитетите за стратешка анализа како значајна алатка за идентификување и управување со предизвиците што ги носи сериозниот и организиран криминал. Воедно да се овозможи преку размената на искуства, знаења и идеи, да се зацврсти меѓусебната доверба меѓу земјите учеснички во проектот.
На презентацијата свое обраќање имаше и директорот Савовски кој истакна дека „Проценка на закани од сериозен и организиран криминал“ е објективна основа за носење на релевантни стратешки и оперативни одлуки и силен потик и подршка за соработка на националните агенции за спроведување на закон во борбата против организраниот и сериозен криминал.
„Впрочем, оваа проценка дава рамка за утврдување на појасна слика на организираниот и сериозен криминал, последиците од неговото дејствување и иницира насочување на ресурсите за справување со заканите и предизвиците од современите облици на криминал во Република Македонија“- истакна Савовски.