Лутфиу присуствуваше на промоцијата на проектот „Microsoft Showcase Classroom“

Министерот за образование и наука, м-р Пиштар Лутфиу, денеска присуствуваше на одбележувањето на почетокот на реализација на проектот „Microsoft Showcase Classroom“, кој се одржа во ОУ „Петар Здравковски Пенко“ во Скопје. Во своето обраќање, Лутфиу рече дека технолошките иновации и информатичките комуникации играат една од клучните улоги за трансформација и модернизација на квалитетот на образованието.

„Почетокот на реализација на „Microsoft Showcase Classroom” е конкретен проект кој има за цел да го унапреди образованието во нашата земја, како резултат на заедничките напори на Владата, Министерството за образование и наука, Министерство за информатичко општество и администрација, со компанијата која е лидер во светот на технологијата – Microsoft“, рече Лутфиу.

За користењето на алатките на Microsoft Showcase Classroom кој е поддржан од Microsoft и компанијата TDK Computers, ќе се извршат серија обуки за наставниците, при што ќе се оцени и како програмите на платформата на Microsoft во образованието им овозможува на учениците и младите луѓе да се здобијат вештини за 21 век.

„Наша долгорочна тенденција е образовните институции да се трансформират во една поорганизирана и покреативна средина за учење и соработка, да се зголеми интересот и ангажирањето на учениците во процесот на учењето, при што ќе бидат поттикнати да работат самостојно, како и да се зголеми нивниот потенцијал“, рече Лутфиу.

Министерот потенцираше дека проширувањето на овие платформи и технологијата во нашите образовни програми, ќе придонесе да се оствари визијата за градење на дигитални компетенции кои ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар.