Врз основа на Јавен повик за избор на „Најбезбедно и најчисто училиште” во рамки на истоимениот проект, чијашто цел е зголемување на безбедноста и хигиената во училиштата, Министерството за образование и наука во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, избраа три основни и три средни, најбезбедни и најчисти училишта во Република Македонија за учебната 2015/2016 година.
Изборот на најбезбедно и најчисто училиште го изврши стручна комисија, формирана од Министерството за образование и наука, врз основа на пристигнати апликации и увид во самите училишта.
За најбезбедни и најчисти основни училишта избрани се: ООУ „Тошо Велков Пепето“ – Кавадарци – прво место; ООУ „Васил Главинов“ – Велес – второ место и ООУ„Рајко Жинзифов“ – Велес (с.Долно Оризари) – трето место.
Во категоријата на средни училишта, за најбезбедни и најчисти училишта избрани се: СЕТУГС „Михајло Пупин“- Скопје – прво место; СУГС „Владо Тасевски“ – Скопје – второ место и ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово – трето место.
Прво наградените основно/средно училиште ќе добијат смарт табла која ќе биде обезбедена од страна на Министерството за образование и наука, додека наградите за второто и третото место ќе бидат обезбедени од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Министерството за образование и наука и Мисијата на ОБСЕ во Скопје им се заблагодаруваат на сите училишта кои се пријавија на Јавниот повик и активно се вклучија во промовирање на идејата за „Најбезбедно и најчисто училиште“ и им го честитаат постигнатиот успех.