Канческа-Милевска: Продолжуваат конзерваторските работи во Стоби

Во посета на археолошкиот локалитет Стоби, кој е во состав на НУ Стоби, денеска беше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска заедно со Виктор Лилчиќ, директор на Управата за заштита на културното наследство.

По направениот увид во изведувањето на конзерваторските работи на локалитетот Стоби, министерката Канческа-Милевска за медиумите информира дека се во тек многу важни конзерваторски работи на овој, како што потенцира, мошне значаен археолошки локалитет во Македонија. Во моментов стручни екипи интензивно работат на конзервација, реставрација и археолошки доистражувања на Римскиот театар, кои се во завршна фаза.

Исто така, во тек е и завршната фаза од конзерваторско-реставраторските работи на нартексот на Епископската базилика. Таа информира дека завршил конкурсот за идејно решение за заштита на покривната конструкција и презентација на Епископската базилика, а жири-комисијата следната недела ќе одлучувала по пристигнатите решенија.

Како што информира министерката Канческа-Милевска, во рамките на владиниот проект за осовременување на музејските поставки и депоа, во Стоби е предвиден проектот за санација и адаптација на Старата железничка станица во Центар за посетители со лапидариум, мала музејска поставка со вредни артефакти од Стоби, како и сала за семинари и кафетерија за посетителите. Според министерката Канческа-Милевска, тендерот е во тек и во зависност од успешноста на тендерската постапка, проектот треба да биде готов до крајот на годинава или во почетокот на идната година.

„Изградбата на објект од ваков тип ќе биде од особена полза не само за вработените и институцијата, туку ќе биде од особена корист и во поглед на самото финансирање на локалитетот во иднина ако се земе предвид фактот дека во изминативе години бројот на посетители во Стоби е во значителен пораст. Според статистиките во периодот од април до октомври, археолошкиот локалитет Стоби го посетиле околу 15 500 посетители, од кои поголем дел се странски туристи“ – потенцираше Канческа-Милевска.

Во врска со реставрацијата на Римскиот театар, таа подвлече дека е воодушевена од конзервацијата на вториот дел од театарот, којшто е откриен.

„Ова е театар со најзачуван внатрешен коридор, а посетителите кои ќе доаѓаат ќе влегуваат од задните страни поминувајќи низ коридорот за да дојдат до седиштата на самиот театар. Капацитетот на театарот по целосната конзервација ќе има три илјади седишта. Од особена важност е што оваа година стручните екипи, мошне активно се посветени на истражувањата и конзервацијата на голем дел од локалитетот.“

„НУ Стоби ќе конкурира на годишниот конкурс за добивање средства за реконструкција на театарот, а тоа значи враќање на седиштата. Дел од тие седишта се зачувани и ги имаме овде, а дел ќе треба да се изработат и потоа да се постават на вториот дел од откривањето на театарот, така што следната година ќе бидат одобрени средства и потоа ќе треба да се објави тендер и да се избере фирма што ќе ја изврши реконструкцијата на театарот. Сето тоа со цел театарот да се стави во функција на Фестивалот на античка драма „Стоби“ и на други културни манифестации“ – најави министерката Канческа-Милевска.

DSC_0015

Таа информира и дека се завршени археолошките истражувања на Храмот на Изида насочени кон откривање на Комплексот околу храмот. Воедно, истакна дека НУ Стоби во соработка со фондацијата Балканско наследство од Република Бугарија моментално во Стоби реализира меѓународни работилници за конзервација на мозаици и керамички садови. Министерката беше информирана за реализацијата на овие работилници во кои се вклучени 14 учесници од Канада, САД, Јапонија, Камбоџа, Шпанија и Велика Британија.

„Стоби е еден од најголемите археолошки локалитети за туристичка и културна промоција на Македонија и многу е значајно што ја формиравме оваа установа, која веќе седум години успешно функционира со многу стручни кадри од повеќе специјалности меѓу кои и за мозаици. Тие напорно работат на истражувања и конзервацијата во археолошкиот локалитет Стоби “– потенцираше министерката Канческа-Милевска.

Директорката на НУ Стоби, Силвана Блажевска, искажа јавна благодарност до министерката Канческа-Милевска за проектите кои се реализирани и чија цел е во насока на подобра заштита и презентација на археолошкиот локалите Стоби, инвестиција која, вели, ќе се врати со тек на времето.

„Како особено значајно откритие јас би ги истакнала Храмот на Изида, на кој истражувањата за оваа година веќе завршија и продолжуваат следната година. Имаме уште да ископуваме надолу и да стигнеме до римските слоеви на комплексот, каде очекуваме да пронајдеме поголем број мермерни скулптури, кои би се нашле во таков храм на египетско божество. Воедно, сакам да истакнам што е посебно важно дека минатата година имавме еден нов момент во истражувањата. Се појави натпис којшто укажува дека храмот не е посветен само на Изида, туку и на нејзиниот партнер Сарафис. Јас се надевам дека за неколку години кога доволно ќе биде истражен, ќе можеме да го спремиме за конзервација“- најави Блажевска.

Како што информира таа, вкупната сума со којашто Министерството за култура ја финансира програмата за проекти во Стоби изнесува 4 милиони 550 илјади денари, а за реконструкција и адаптација на Железничката станица во Центар за посетители со повеќе намени, се обезбедени 22 милиони денари.

DSC_0162