Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, директорот на Националниот Парк Пелистер, Амет Аџиу и директорот на Агенцијата за планирање на просторот, Љупчо Георгиевски, денеска, потпишаа договор за изработка на Просторен план за Националниот Парк Пелистер.
Вкупната вредност за изработка на овој просторен план изнесува 3.665.320,00 денари, при што Министерството за животна средина и просторно планирање преку Годишната Програма за изработка на просторни планови за 2016 год. за таа цел има предвидено 900.000,00 ден.
Останатите средства за реализација на целокупниот проект ќе се предвидат во Програмата за изработка на просторни планови за 2017 год.
Со изработката на просторниот план за НП Пелистер ќе се дефинираат мерките за интегрален туристички развој (зимски, летен, еко, здравствен и селски туризам), ќе се преиспитаат насоките за интегрален третман на природните ресурси во функција на туристичка понуда, со што ќе се поттикне социоекономскиот развој на населбите.