Советникот Ангел Јанев, денес оствари средба со Дарко Лихтенекер, директор на Школскиот центар Велење од Словенија, кој е во посета на ОЕМУЦ “Свети Наум Охридски“. Покрај директорот Лихтенекер, во посета се и директорите на средните стручни училишта од Крањ, Ново Место, Нова Горица и Целје. На средбата присустуваше и директорот Јане Цаноски, кој информираше за досегашната соработка со Школскиот Центар МИЦ од Велење и нивното заедничко учество во проектот “Балкан јуниор“- годишен натпревар на учениците од средните стручни училишта од Велење, Лабин, Тешањ, Никшиќ, Ваљево, Истанбул и Охрид.
На средбата гостинот од Словенија го запозна советникот Јанев за нивните искуства во јакнењето на капацитетите на средните стручни училишта и користењето на европските фондови за опременување на кабинетите и лабараториите. Според Лихтенекер, стручно училиште со квалитетен наставен кадар и технички опрема, е од полза и за компаниите и за пошироката зедница, како одржлив субјект кој може во секој момент да даде квалитетни услуги и производи.
На средбата Лихтенекер изрази желба, покрај соработката на двете стручни училишта, во иднина да се воспостават поблиски врски и меѓу градовите Охрид и Велење, што со задоволство беше прифатено.