Сениорската машка репрезентација на Македонија, со шест гола негатива ќе го дочека реваншот во Скопје за пласман на СП 2017 што ќе се игра во Франција. На дебито на Лино Червар на селекторската позиција, Македонија загуби од Чешка во Злин со 28-22.
И покрај тоа што нашите репрезентативци добро го почнаа натпреварот и одржуваа водство во поголемиот дел од првото полувреме, Чешка знаеше да го искористи периодот на деконцентрација во играта пред крајот на полувремето и до паузата стигна до предност од 14-10. Чесите ја одржуваа позитивата и во текот на второто полувреме, па и покрај тоа што Македонија успеваше на моменти да го намали резултатот, сепак Чешка користејќи го периодот во кој Македонија играше и со двајца ракометари помалку на теренот, одново ја зголеми предноста, за конечни 28-22 во Злин.
Кирил Лазаров со 8 голови беше најдобар стрелец во нашиот тим, каде по 4 гола додадоа Миркуловски и Георгиевски. Три гола дополни Дејан Манасков, а во листата на стрелци со по една реализација се запишаа и Стоилов, Прибак и Ојлески. Кај Чешка, прв стрелец беше Здрахала со 6 голови, а по 5 гола додадоа Стелник и Бабак. Особено впечатлив настап имаше чешкиот голман Мартин Галија со 18 одбрани.
Реванш натпреварот за пласман на СП 2017 се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје во среда (15 јуни) од 20:00 часот. Нашата репрезентација уште денеска се врати во Скопје, каде од утре продолжува со редовните тренинзи и подготовки за таа средба.