Во Центарот за култура „Григор Прличев“ , вечерва со почеток во 20 часот и 30 минути, со прикажувањето на филмот „Каприс“ во режија на Емануел Муре, започпочнуваат проекциите во рамки на официјалната програма на 9-от Француски филмски фестивал, кој се одржува во Охрид и Скопје. Фестивалот свечено беше отворен вчеравечер во киното „Милениум“ во Скопје со филмот „Патот за Истанбул“, во режија на Рашид Бушареб.
Утревечер,(петок) охридската публика ќе може да го проследи филмот „Три срца“ во режија на Беноа Жако.Во филмот главните улоги ги толкуваат Беноа Пелворд, Шарлот Генсбур и Кјара Мастројани.
Со „ Специјалната вечер во Охрид“, во сабота на 18 јуни, со почеток во 20 часот, свечено ќе биде затворен Францускиот филмски фестивал. Вечерта ќе биде прикажан филмот „ Судија“ на режисерот Кристијан Венсан, во кој игра и Сидс Бабет Книдсен, добитничка на наградата „Цезар“ за најдобра споредна женска улога.
На свечената филмска вечер ќе се обратат амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер и градоначалникот Никола Бакрачески, кој воедно на режисерот Кристијан Венсан ќе му ја врачи годинашната гран-при награда „ Охридска Златна маска“ .