Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи со поддршка на процесот на деинституционализација. Ова денеска го истакна министерот Диме Спасов, кој го посети Здружението за поддршка на лица со хендикеп „Порака“ од Неготино.
Ова здружение неколку години раководи со овој процес на вадење лица со посебни потреби од гломазни институции и сместување во станбени единици од по неколку лица.
„Организираното живеење со поддршка во вакви заедници, каде присуствуваме денеска, влијае во голема мера за подигнување на степенот на самостојност на развојот на лицата кои се згрижени во ваквите станбени единици, со умерена и тешка интелектуална попреченост. Влијае за подобрување на нивната социјализација, интеграција, за нивното учество во општествениот живот, нивниот личен развој“, рече министерот Спасов.
Токму заради тоа, нагласи тој, процесот на деинституционализација, односно згрижување на лицата со умерена и тешка интелектуална попреченост во мали станбени единици мора да продолжи.
„Место во институции во затворен простор, со помош на Министерството за труд и социјална политика и граѓанскиот сектор и невладините организации, изминатиот период се трудиме што е можно поголем број лица да бидат згрижени во мали станбени единици со поддршка на високо стручен и обучен кадар. Посетивме единица во која се згрижени пет лица. Самите се задоволни од организацијата на згрижување“, нагласи Спасов.
Тој информира дека досега во ваква форма се згрижени 76 лица и додаде оти Министерството има издвоено 16 милиони и 500 илјади денари и понатаму планира да продолжи во оваа насока.
„Најавуваме наскоро нова станбена единица. Планираме да го дуплираме овој број затоа што непосредната грижа е подобрување на животот на овие лица“, додаде Спасов, искажувајќи благодарност до градоначалникот и директорката на „Порака“ од Неготино за досегашната грижа.
Градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов информира дека се работи за една од станбените единици, каде се сместени лица со лесна и тешка интелектуална попреченост.
„Во текот на летото планираме летување за овие лица со обезбедување превоз. Секогаш во рамки на можностите и потребите ќе помагаме и во иднина“, нагласи Апостолов.
Директорката на Здружението „Порака“ од Неготино Гордана Трајковска соопшти дека веќе шест години успешно го имплементираат процесот на деинституционализација.
„Сега 76 лица се дел од заедницата. Овие лица живеат со поддршка, тоа е најхуманиот начин за лицата да бидат задоволни. Тие живеат во 16 заедници, четири куќи и еден стан во Неготино и во четири куќи во Волково. Во Неготино живеат 43 лица, а во Волково 33. „Порака“- Неготино со својот кадар и со капиталот кој го вложува од 2003 година ја оправдува довербата,“ нагласи Трајковска.