На 16.06.2016 година во Поградец, Република Албанија се одржа билатерална средба помеѓу Царинските управи на Република Македонија и Република Албанија. Состанокот на делегациите предводени од директорите на двете служби се одржа во насока на зајакнување на соработката помеѓу двете земји, воспоставена во рамките на Спогодбата за билатерална соработка помеѓу Република Албанија и Република Македонија за взаемна помош и соработка помеѓу царинските органи.
Теми на дискусија на состанокот беа:
– унапредување на електронската размена на царински податоци со цел спречување на царински измами во двете земји;
– унапредување на соработката помеѓу царинските службеници на оперативно ниво при вршењето на тековното царинско работење;
– координирање на активностите помеѓу Царините на двете земји во насока на олеснување на трговијата и безбедноста и
– меѓусебна соработка помеѓу Службите при имплементирање на современите компјутерски системи.
Во однос на горенаведените теми беа донесени и повеќе заклучоци кои ќе бидат содржани во Акционен план за размена на податоци за спречување на царински измами.
Претставниците на двете администрации изразија задоволство од досегашната соработка и заинтересираност за организирање на нови активности и размена на искуства што ќе биде од полза за двете страни.