Стартуваше ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“ во Охрид

Започна вториот ракометен камп „Кирил Лазаров 7″ на кој учествуваат околу 250 деца од Македонија и странство, во две смени и тоа од 17-23 и 24-30 јуни. И оваа година кампот се одржува во хотелот „Аквалина“ во Охрид.

„Презадоволни сме од самиот старт и од тоа како течеа подготовките за кампот. Околу оние работи за кои што сум задолжен, се однесува на тоа како е овде се средено инфраструктурно, за хотелот и за терените, можам да кажам дека навистина од хотелот „Аквалина“ прават максимални напори за да се обезбедат врвни услови, не на македонско, можам слободно да кажам и на европско ниво, со терените кои ги средивме со подлога која што е адекватна за тренинг, но и она што е околу терените, хортикултурно и се друго, се е навистина прекрасно, персоналот од хотелот се навистина на располагање 24/7 во буквална смисла и навистина би кажал еден збор, греота е да бидеме незадоволни.“ – изјави Горан Ѓоргоноски, прв човек на агенцијата КМГ спорт.

GoranGjorgonoski

Како што рече Ѓоргоноски, во споредба со минатата година, оваа година организацијата на ракометниот камп е на повисоко ниво. Вели дека е обезбедена најдобра опрема со што овој камп го има најдобриот светски ракометен тренд, обезбедени се максимални услови за да можат децата да тренираат.

„Од делот на спортот донесовме неколку тренери кои што мислиме дека можат да дадат свој придонес, од македонските тренери го имаме она што мислиме дека е најдобро во Македонија, сега-засега се тече во најдобар ред.  Ние си зададовме една задача дека во наредните години ќе дојдеме до еден обем што е максимален. Мислам дека сме близу до максималниот обем на деца кои што се потребни за ваква работа и од таа страна сме задоволни. Би сакале искуството што го имаат овие деца овде да го пренесат таму каде што треба, со помош од вас медиумите, да пренесеме што се случува овде, за да можеме да покажеме дека ете и во Македонија може да се направи настан кој што слободно можам да кажам дека е на високо ниво.“ – рече Ѓоргоноски.

TreningKampKirilLazarov

Ѓоргоноски најави доусовршување на овој летен камп и во наредните години.

„Наредните години само ќе ги подобруваме работите, забавен дел, едукација во дел на спортска исхрана, на децата да им покажеме што значи екипа, што значи заедно да одат на доручек, ручек, вечера, да се дојде порано на тренинг, да се подготви на тренинг, да се одмори од тренинг, значи едноставно да видат како функционира професионална екипа, кога би биле професионалци, како би функционирале. Сакам да потенцирам дека овој ракометен камп да биде камп на кој што ќе се тренира многу, не да биде камп за бањање и за дружење, нормално дека имаме и такви работи, но она што ни е важно, што му е на Кире важно, е за овие 7 дена да има 15 до 17 тренинзи од различен тип, на кој што децата навистина, некои од нив ќе си заминат и уморни, но поентата е тие да сфатат што значи да се тренира на висок ритам, што значи да се биде ангажиран на некое професионално ниво.“- истакна Ѓоргоноски.

KirilLazarov

Најдобриот македонски ракометар и капитен на Македонската репрезентација, Кирил Лазаров вели дека овој камп е пример како треба да изгледа еден ракометен камп.

„Со кампот мислам дека направивме нешто со што сме пример како треба да изгледа еден ракометен камп. Еден настан како што е овој, можеби вака изгледа лесно, меѓутоа навистина се потрудивме и се трудиме во текот на целата година да им овозможиме на сите деца што ќе се пријават да имаат идеални услови. Идеални услови не значи само добар хотел, езеро, реквизити, идеални услови е тоа што се трудиме да имаме квалитетен стручен кадар, квалитетни тренери што е можеби најважниот дел, најважната алка. Во тоа се надоградивме и оваа година за разлика од лани, и лани бевме презадоволни од она што го имавме. 7 дена не се многу денови, меѓутоа тренираме два пати дневно, покрај забавата, анимацијата и дружењето, голем дел посветуваме и на квалитетот на ракометниот камп и се обидуваме врз тие деца да наметнеме квалитетна работа навика, лојалност кон тоа што го работат, дури тренираат во своите клубови во текот на годината да се потсетат на тоа што го работиме овде, а сигурно тоа потсетување ќе ги направи подобри ракометари и секако подобри луѓе исто така.“– изјави Лазаров за WebOhrid.

WebOhrid