Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески рано утрово се обрати на официјалниот почетокот на дводневната џип турнеја Охрид- Љубаништа што денес стартуваше во Охрид.
Според градоначалникот Бакрачески овој несекојдневен и атрактивен настан претставува начин за збогатување на туристичката понуда во Охрид, а локалната самоуправа е насочена кон поддршка на алтернативните форми на туризам.
„Сакам да му се заблагодарам на „Оф роуд“ клубот од Охрид за навистина успешната организација. И покрај тоа што е премиерна на манифестацијата гледаме дека учествуваат голем број учесници од Оф роуд клубовите од Македонија, меѓутоа има и од Полска, Турција, Бугарија, Албанија, Србија, така што со еден збор можам да кажам дека иако за првпат се организира има успешен одзив на сите поканети клубови што е факт којшто треба да радува, меѓутоа и факт којшто треба да ги мотивира сите кои можат да земат учество во една ваква турнеја која го промовира градот Охрид, неговите природни убавини, меѓутоа има и социјален карактер“– рече Бакрачески и посочи дека ваквите настани во иднина може да се искористат во хуманитарни цели.
„Идеја на членовите од охридскиот „Оф роуд“ клуб е да се организира еден пикник за децата со посебни потреби што од моја страна беше веднаш прифатено, така да во наредните неколку недели и месеци ќе работиме на организација на ваквиот пикник или турнеја во прилагодени услови за деца, што може да прерасне во една добра традиција и убеден сум дека оваа тура во Охрид ќе биде традиција“, додаде градоначалникот Бакрачески.
Александар Илоски претседател на здружението Оф роуд од Охрид искажа голема благодарност до локалната за поддршката околу организирање на самиот настан.
„Пред се сакам да се заблагодарам на поддршката и соработката на Градоначалникот и Локалната самоуправа што ни овозможија простор да бидеме тука, противпожарна екипа, екипи од Црвен крст и сите потребни работи. Рутата е 120 км со можна измена во зависност од условите. Ќе возиме по кал и прашина околу 80 километри. Ќе застанеме во Љубаништа таму има логорување“, истакна Илоски.
На дводневната турнеја учествуваат околу 150 учесници од сите градови од Македонија како и од Србија, Бугарија и Полска.
Интернационална дводневна џип турнеја се одржува во Охрид во организација на охридскиот клуб “Off Road Ohrid“, со поддршка на локалната самоуправа.