Потрошувачите недоволно информирани за ризиците во е-трговијата

Организацијата на потрошувачите на Македонија денес во Охрид одржа трибина, на која ги информираше потрошувачите од општина Охрид за ризиците кои што постојат во е-трговијата, односно купување на производи преку интернет, на што треба да внимаваат, каде да се обратат доколку се оштетени од одредени услуги и сл.

„Ова е сфера која што и кај нас доживува подем во последните години, достапни се се повеќе производи и услуги што се нудат преку интернет достапни се и се повеќе домашни електронски продавници и со тоа нормално расте и бројот на проблемите со кои што се соочуваат граѓаните кога купуваат онлајн. За наша среќа добар дел од директивите, значи регулативата на ЕУ се применети во нашето законодавство, така да потрошувачите имаат извесен степен на заштита кога купуваат онлајн. Она што го пренесуваме денес е какви се искуствата и во Европа во поглед на ваквиот начин на купување, на потрошувачка, за да може од една страна и инспекциските органи, меѓутоа и самите граѓани да бидат посвесни кои се нивните права и на кој начин можат истите да се заштитат.“ – истакна Александар Николов, соработник во Организацијата на потрошувачи на Македонија.

„Информирањето на потрошувачите и државните институции околу купувањето преку интернет и интернет трговијата беше вметната како еден вид семинар, средба во оваа програма, најмногу поради тоа што минатата година имаше измена во Законот за заштита на потрошувачи каде што беше имплементирана директивата која што се однесува на „e-commerce“ односно на купувањето преку интернет, со што на потрошувачите правата им се зголемија, подобро се регулираше таа сфера. Сакаме да ги презентираме новите одредби од Законот, да ги информираме потрошувачите, беше изготвена и брошура на тема „Купување на далечина“, во текот на оваа година ќе биде промовирана и брошура „Склучување на договори надвор од деловните простории на трговецот“, кои што одредби од Законот исто така беа променети во корист на потрошувачите и во оваа сфера. Тие две сфери се многу поврзани, важно е да се каже дека со почнувањето на измените во 2015 во моментот имаат рок од 14 дена за повлекување на овој договор, постои образец кој што е пропишан од Министерството за економија на РМ.“ – рече Иво Костовски, правен советник во Организацијата на потрошувачи на Македонија. 

Костовски апелираше до потрошувачите, доколку наидат на производ кој не ги задоволува нивните потреби и сакаат да го вратат, да се обратат веднаш, да се испочитува тој рок од 14 дена за да може по Законот да се врати производот, да се реагира навремено.

На прашање од WebOhrid, кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат потрошувачите, од ОПМ велат дека најчести проблеми се проблемите поврзани со испораката, односно неиспораката на нарачаните производи.

„На ниво на Европа, најчести проблеми се поврзани со испораката, односно неиспораката на нарачаните производи. На второ место се проблемите поврзани со карактеристиките на производот, кога се купува онлајн. Потрошувачите не знаат каков е производот кога ќе го порачаат, па кога ќе го добијат се незадоволни, па бараат да им се замени, да се врати. Други типови на проблеми се поврзани со одредбите во самиот договор кој што е склучен. Тоа се трите најчисти типови на проблеми на ниво на Европа.“ – рече Николов.

„Кај нас, за жал не можеме да зборуваме за одредени проблеми со производите и услугите, затоа што сеуште најголем проблем во однос на интернет купувањето се некои лажни, манипулативни интернет страници кои што се појавуваат. Тоа и не може да се квалификува како интернет продавница, бидејќи постои продавање на нерегистрирани субјекти преку социјални мрежи, огласници и.т.н. Значи сеуште постои тој, како најголем проблем. Потрошувачите кои се јавуваат во нашето советодавно биро најмногу реагираат на проблеми од таков вид, затоа што кога купуваат производ од нерегистриран субјект тие не добиваат фискална и понатаму не можат да ги остварат своите потрошувачки права, немаат гаранција, немаат сервис, немаат можност да го вратат производот и.т.н.“ – изјави Костовски.

Од ОПМ со препорака потрошувачите да ја истражат продавницата, да видат дали ги има сите оние елементи кои што треба да ги има една интернет продавница, наведени според Законот, да има име на субјектот, седиште, место каде што може да се врати, телефон, мејл адреса, било какви контакти, плаќањето да биде со картичка за да имаат извод од банка и сл.

И Охрид не е исклучок кога станува збор за поплаки од страна на потрошувачите.

„Ова е уште една активност од Организацијата на потрошувачи Охрид. Секојдневно имаме потрошувачи кои се обраќаат до нашата канцеларија, но најповеќе се обраќаат кога ќе имаат некој проблем. Апелирам малку повеќе да ја посетуваат нашата веб-страна opm.org.mk каде што има многу корисни информации. За жал потрошувачите се обраќаат само кога има некој конкретен проблем, а многу слабо за превентивно да се информираат. Еве во екот на туристичката сезона, би ги повикал потрошувачите да се информираат повеќе за туристичките услуги. Имаме брошура што треба да направат конкретно околу тоа, да се информираат навреме, пред да биде предоцна.“ – вели Вангел Спироски, претседател на Организацијата на потрошувачите – Охрид.

Настанот се организира во рамки на програмата за заштита на потрошувачите на РМ за 2016 година и на истиот учествуваа претставници од Државниот пазарен инспекторат, Министерство за внатрешни работи – Охрид, Агенција за храна и ветеринарство, Стопански комори, Трговски друштва и Здруженија на граѓани.

WebOhrid