Уставниот суд в среда ќе ги разгледува пржинските измени на Изборниот законик

Уставниот суд на следната седница, закажана за среда, меѓу другите точки ставени на дневен ред, ќе ја разгледува и иницијативата за уставноста и за законитоста на дел од измените на Изборниот законик, донесени во ноември, минатата година, а во согласност со Договорот од Пржино.

Оспорените членови и пасуси од измените на Изборниот законик, според она што е објавено на интернет-страницата на Уставниот суд, се однесуваат на бројот на пратеници што се избираат и на ставовите во кои се дефинирани методологијата и начинот на избор на пратеници од дијаспората.

Во иницијативата, исто така, оспорени се и членови од Изборниот законик, за начинот на одлучување на Државната изборна комисија по предлог-одлука која се однесува на интересите на немнозинска заедница. Оспорени, во иницијативата, се и деловите од членовите каде стои „Заради организирање предвремени избори за пратеници кои ќе се одржат на 24 април 2016 година“.

Според бројот под кој е заведена иницијативата, таа била поднесена во Уставниот суд кратко по изгласувањето на измените и дополнувањата на Изборниот законик, во ноември минатата година.

На следната седница, според агендата, на дневен ред не е ставена иницијативата за уставноста на Законот за Специјално јавно обвинителство, чие разгледување е едно од клучните барања на „Шарената револуција“ и на опозицијата.

На дневен ред не е ниту одлуката за крстот во Бутел, чие разгледување вчера по третпат беше одложено за некоја од наредните седници на Уставниот суд.

Извор: meta.mk