Коцијанчич: Обврските се неисполнети, ЕУ ја крати финасиската помош за Македонија

Влошениот политички амбиент е една од причините зошто Владата и администрацијата не беа во можност или немаа волја да ги исполнат обврските за реформа или да ја покажат потребната подготвеност да ги планираат потребните реформи и да ги имплементираат фондовите на ЕУ – одговори портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич за „Мета“ на прашањето „Зошто Европската комисија скрати 27 милиони евра од ИПА-фондовите.“

Таа потврди дека кратењето на финансиската помош за Македонија ќе изнесува и повеќе од 27 милиони евра.

„Последните неколку години, а посебно минатата година, Европската комисија во неколку наврати ја објасни својата загриженост до надлежните органи во врска со недостатокот на подготвеност, зрелост во планирање во клучните сектори, како и недостатокот на политичка посветеност за реализација на потребните секторски и општи реформи. Како резултат на тоа, Комисијата мораше да ја намали финансиската помош на ЕУ за 2016 година, како и да одлучи да не продолжи со уште еден проект “– додаде Коцијанчич.

Портпаролката на Европската комисија исто така смета дека државата треба да се фокусира на мерки кои ќе обезбедат одржливост на големи инвестиции во инфраструктурата.

„Има многу недостатоци во транспортниот сектор, кои спречија правилно планирање и координација во тој сектор“ – вели Коцијанчич.

Извор: meta.mk