Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, во која стои:
„Криминалците обвинуваат за криминал. Безобразлукот и ароганцијата кај Томислав Тунтев е веќе позната особина, но со денешната изјава достигна ново дно во политичката кариера.
Томислав Тунтев треба да се срами и да се тргне од политичката сцена. Човекот кој беше заменик – градоначалник во структурата што комплетно финансиски го уништи Охрид, човек кој беше дел од локалната самоуправа во време на најголемиот подем на урбаната мафија, се осмелува да критикува за работење и успешност.
Секогаш кога некој од СДСМ и приврзок – партиите коментира за работењето на локалната самоуправа на ВМРО – ДПМНЕ, им проработува селективната меморија и забораваат во каква состојба го оставија Охрид. Педесет милиони евра долгови зборуваат за нивниот капацитет за критикување и работа.
Охриѓани не ги забораваат катастрофалните урбанистички планови креирани исклучиво за лични материјални интереси, поддржани и изгласани токму од Томислав Тунтев и советниците на СДСМ. Не ги забораваат мафијашките испади во просториите на локалната самоуправа, делење на тендери во кафани, безобразни изјави и некултурни коментари на бившото раководство.
Не ги забораваат состојбите во јавните претпријатија, сите со блокирани сметки, извршни судски решенија, камати кои и денес го товарат буџетот на локалната самоуправа, фиктивни фактури за неизвршени услуги, десетици илјади евра за лумперајки по белосветски биртии и фамозната австралиска инвестиција – бумерангот.
Охриѓани се сеќаваат на пропаднати основни и средни училишта, блокирани сметки, исклучена струја и парно, договорени тендери за школски екскурзии во замена за лични екскурзии и ВИП билети за спортски натпревари.
Прашуваме дали Томислав Тунтев побара и доби финансиска помош од Локалната самоуправа под раководство на ВМРО – ДПМНЕ и Никола Бакрачески, што толку ја напаѓа, критикува и гаѓа со јајца, за објавување на неговите лични дела. Ако е тоа точно, прашуваме дали Томислав Тунтев има трошка срам.
Охриѓани не ги забораваат годините на пропаст на Охрид под водство на СДСМ.
Охрид не видел во 4 години целосно да биде подобрен и уреден неговиот сообраќаен режим. Охриѓани прв пат гледаат средени улици, функционално и економично улично осветлување, средено и одржано зеленило, набавени возила за ЈП Комуналец, деблокирање на сметките и постепена стабилизација на јавните претпријатија и основните и средните училишта и други тековни проекти што се нужни за нормално функционирање на Охрид. Охриѓани ја гледаат новата пешачка патека што конечно изгледа како место за уживање за Охриѓани, туристите , а сигурно ја користи и Томислав Тунтев.
Тоталниот финансиски и урбанистички колапс што го креираа Тунтев, СДСМ и приврзок-партиите времено ги закочија големите проекти кои значат живот за Охрид. И за тоа Охриѓани може да им се заблагодарат на „шарените“. Се што е ветено ќе биде реализирано и покрај сериозните опструкции што Охрид ги трпи од шарените платеници.
Народот е мудар и памти. Се ближи најголемиот пораз за СДСМ, приврзок-партиите и молерската платеничка револуција.“– стои во реакцијата.