Сериозна владина поддршка за отворање на приватни домови за стари лица

Со низа на финансиски поволности и мерки Владата ги поттикнува домашните компании да отворат домови за стари лица.

Преку откуп на земјиштето по почетна цена од 1 евро за метар квадратен, намалени комуналии и такси за изградба на ваков вид објекти, поволни програми за вработувања на Агенцијата за вработување, понуда на објекти кои би се преадаптирале за оваа, Владата пред извесен период започна со стимулација на приватниот сектор за отворање на приватните старски домови, а ваквиот вид на поддршка е дополнет и со можноста за добивање на неповратна финансиска поддршка во висина од 750.000 денари за заинтересираните инвеститори.

Од Владата истакнуваат дека ваквиот вид на мерки за поддршка претставуваат исклучително сериозна поддршка за сите заинтересирани лица и компании да воспостават бизнис или да го прошират веќе постоечкиот со нови капацитети и на тој начин позитивни да влијаат на својата профитабилност, да отворат нови работни места за лицата од соодветната струка во старските домови.

„Владата има креирано навистина солиден пакет на поволности којшто навистина вреди да биде истражен и искористен од страна на домашните компании. Преку мерката од 1 евро почетна цена за метар квадратен за купување на земјиште за изградба на старечкиот дом и намалените комуналии за 95 % потенцијалниот инвеститор може да обезбеди заштита во средства и до 10.000 евра. Исто така, преку користењето на поволностите и проектите на АВРМ, инвеститорите може да обезбедат заштеда на своите трошоци по однос на ангажирање на работници. И сето тоа заокружено со можноста за добивање на 12.000 евра неповратна финансиска помош од владата преку аплицирање на огласот којшто е во тек и апелираме да биде искористен од страна на сите заинтересирани лица, претставува директна или индиректна поддршка која надминува над 20-тина илјади евра во најмала рака за приватниот инвеститор, што значи можност за локација на тие средства од негова страна кон обезбедување на раст на дејноста, обезбедување на нови работни места, поголема профитабилност, а за државата она што е значајно обезбедување на нови капацитети за социјална грижа на лицата во поодмината возраст,“ вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

На пример за купување на земјиште од 500 м2, согласно проценките, со оваа владина мерка потенцијалниот инвеститор би имал трошок помеѓу 1000 и 1500 евра. Доколку се земе во предвид цената на градежното земјиште на периферијата на Скопје која во најмала рака изнесува 25 евра, произлегува дека инвеститорот би имал заштеда од над 10.000 евра. Доколку пак се оди на изградба на дом во рамките на градските населби во Скопје и поголемите градови во Македонија таа заштеда би била и многу поголема.

Сериозна заштеда инвеститорот остварува и преку намалените цени за комуналии за 95% за изградба на вакви објекти, имајќи во предвид дека цената на комуналиите по метар квадратен во определени градски општини изнесува најмалку 50 евра.

На огласот пак за добивање на 12.500 евра може да аплицираат правни лица и физички лица кои се евидентирани како невработени лица со достава на бизнис план кој треба да содржи утврдена парцела за изградба на дом за стари лица или објект кој ќе се реновира и адаптира за оваа намена, елаборат и архитектонска скица, план за вработување на најмалку 2 медицински сестри и 2 негувателки. Овие средства може да се користат за набавка на материјали и опрема, адаптација или реконструкција на објект. Постоечките домови може да ги користат овие средства но само за отворање на нов капацитет.

Токму како резултат на овие мерки и поволности досега се отворени 18 приватни домови за стари лица од кои најголем дел се започнати со работа во последните години, што преттсавува доказ за имање на економска корист за воспоставување на ваков бизнис за инвеститорот и мотив повеќе за потенцијалните инвеститори да ги искористат овие можности кои ги обезбедува Владата.

Поддршката за отворањето на приватните старски домови покрај поволностите за инвеститорите и лицата кои би биле вработени е и во насока на продолжување на политиката на владините институции за грижа на возрасните граѓани. Со отворањето на се поголемиот број на приватните старски домови покрај што се зголемуваат капацитетите за опфат на заинтересираните лица се влијае и на поттикнување на конкуренцијата во оваа дејност што директно влијае и на подигнување на нивото на квалитет на услугите и подобрување на условите во старските домови.