„Република Македонија е целосно подготвена за интеграција во НАТО. Ние имаме капацитет да ги превземеме сите обврски и одговорности за да придонесеме кон сигурноста и стабилноста на Балканот и Евро – атлантската област. Цврсто сме убедени дека инвестицијата во НАТО ќе ги зацврсти мирот и стабилноста. Нашите војници, кои долги години учествуваат во мировните мисии во Авганистан, го очекуваат и заслужуваат членството“, истакна Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски во своето обраќање на денешниот состанокот посветен на Платформата за интероперативност, на ниво на министри за одбрана, на НАТО Самитот во Варшава.
Во своето излагање Јолевски рече дека сегашните и идните безбедносни глобални предизвици укажуваат на потребите за интероперативни сили и капацитети. Меѓународниот кризен менеџмент, координацијата и зајакнувањето на механизмите за употреба на ресурсите на капацитетите на армиите од НАТО земјите и партнерите во справување со кризите од поголем обем се мошне значајни. Од септември Македонија ќе биде домаќин на командата на Балканските медицински сили, која ќе овозможи координација во употреба на медицинските ресурси во Југоисточна Европа.
За време на одржувањето на самитот, министерот Јолевски оствари билатерални средби со своите колеги од Италија, Словачка, Литванија, Унгарија, Чешка, Латвија и Словенија. За време на средбите Јолевски порача дека со сите постигнати резултати Македонија го заслужи своето место во Алијансата. Тој додаде дека се радува на фактот што Црна Гора ќе стане членка на НАТО и дека вратите на Алијансата остануваат отворени. Колку побрзо регионот на Југоисточна Европа се интегрира во евроатлантските структури, толку постабилен и просперитен регионот ќе биде. Воедно, се заблагодари на поддршката која ја добива од своите колеги.