На нашата адреса изминативе денови стигнаа повеќе поплаки од граѓани по повод дводневното дивеење низ зони за активно управување од Националниот парк Галичица кој, да потсетиме, е заштитен со Законот за заштита на природата и е со статус на УНЕСКО Биосферен резерват. Да потсетиме и дека во зоните за активно управување во Паркот се дозволени исклучиво активности од економски карактер кои немаат негативно влијание врз примарната цел на заштита, како што се екотуризмот и екстензивното земјоделство. Ова значи дека активностите кои се одвивале во Паркот на 25 и 26 јуни 2016 г. биле противзаконски и како такви е задолжително да бидат соодветно санкционирани. Нашите активисти ја изработија картата во прилог на која јасно се гледа како рутата на off-road „авантурата“ поминува низ зони за активно управување (зелена боја), па дури и зони за строга заштита (црвена боја) од Националниот парк Галичица!
Ние, не само како активисти за заштита на животната средина, туку и како одговорни граѓани со свест и совест, сме згрозени од примитивизмот кој под покровителство на Општина Охрид се славел на настанот со безмилосно уништување на природата. Ваквиот начин на злоупотреба на Националниот парк не само што е противзаконски и спротивен на сите начела за одржлив развој и одговорен туризам, туку е и неинтересен за странските туристи. При прибирањето на информациите дојдовме до сознанија дека странските учесници во вакви тури во Охрид се жалеле дека испланираната off-road активност им е мачна, здодевна и неатрактивна.
Да биде трагедијата уште поголема, пред само неколку месеци од државниот буџет беа издвоени цели 300.000 евра за поддршка на Самитот на АТТА, каде што се промовираше активен туризам под мотото Take nothing but photos and leave nothing but footsteps (Со себе понесете само фотографија, зад себе оставете само стапалки), додека истовремено се финансираат вакви непромислени активности рака под рака со штетните мегаломански проекти. Со кое право безумно, без апсолутно никаков план, се расфрлаат државни пари, макотрпно заработени пари на граѓаните, на дијаметрално спротивни цели?! Знае ли некој да работи паметно и одговорно во оваа држава?! Кој, како и под кои услови дозволил ваква незаконска парада на самоуништувањето низ нашето непроценливо богатство кое и без тоа веќе долго време е под силен антропоген притисок од самата институција која, парадоксално, иако е создадена да го штити – е неговиот најголем уништувач?!
Галичица е планина со клучни природни вредности кои треба да се наоѓаат во поволна состојба и да не се уништуваат, а основните еколошки процеси во природата треба да се одвиваат непречено. Во согласност со ова, туризмот кој ќе се промовира на Галичица треба да биде одржлив, да не доведува до деградација или загрозување на природните вредности. За таа цел, како што посочува и актуелниот План за управување со НП Галичица донесен од владата на РМ во 2010 г. при развојот на туризмот во Паркот треба да се следат петте принципи на Европската повелба за одржлив туризам во заштитени подрачја.
Oцената на влијанијата и ефектите на off-road возила врз екосистемите е контроверзна тема насекаде во светот (Webb & Wilshire, 1983). Согласно со Havlick (2002), употребата на off-road возила во близина на потоци, реки и езера создава сериозна закана од загадување на водите, пред сè поради можноста за хаварии и изливи на бензин и нафта во почвата и нивно инфилтрирање преку подземните води директно во реките и езерата. Почвата како медиум може да претрпи сериозни последици со механичкото нарушување, односно набивањето. Почвените стабилизатори, вклучително макрофлората (тревеста вегетација) како и микрофлората (лишаи, габи и терестични алги) се под директна закана од физичкото влијание на тркалата на возилата (Wilshire, 1983). Со набивањето на почвата, пак, може да се намали инфилтрацијата на вода и да се предизвикаат сериозни проблеми со ерозија (Webb, 1983). Постојат бројни истражувања кои укажуваат на фактот дека фауна, поточно птиците, влечугите и големи копитари доживуваат стрес поради присуството на off-road возила во нивната природна средина. Стресот кај животните се манифестира со нарушено срцебиење, нарушена метаболичка функција, миграција, репродуктивен неуспех, па сè до морталитет. Непријатниот звук односно зголемената бучава кај малите цицачи и влечугите може да доведе до мешање со нивните специјализирани звуци кои ги користат за заштита од предатори, наоѓање на својот плен или во репродуктивниот период. Земајќи го предвид фактот што овој тип на возила емитираат поголемо ниво на бучава (иако во краток рок на траење), кај животните може да предизвикаат избезумено однесување, па дури и морталитет, доколку животното се најде на патот на возилото. Покрај тоа, off-road возилата често се наведуваат како клучен предизвикувач на воведување алохтони видови, односно ширење на инвазивни, штетни видови или паразити кои стануваат закана за автохтоната вегетација.
Освен тоа, со поголемата пристапност до подиви, односно поприродни области, може да се зголеми веројатноста од криволов и дива сеча на шумите, а со тоа ќе се влијае и врз економијата на ЈУНПГ.
Изминатиот период се изработени голем број на студии во кои се даваат насоки кон кои треба да се стреми регионот. Сите овие студии се едногласни: иднината на Охрид е развој на алтернативниот, т.е. активниот туризам. Масовниот туризам е евтин, ја уништува економијата зашто продава непроценливо богатство за евтини пари. Ако се уништи природата ќе се уништи и причината за постоењето на туризмот во регионот. Квалитетот на природната животна средина сè повеќе претставува главна атракција за туристите и голем број заштитени подрачја ширум светот привлекуваат бројни посетители. Само со таков начин на размислување и поддржување на одржливи идеи за развој на екотурзимот ќе имаат придобивки и природата и локалните заедници. На Охрид не му требаат многу туристи кои ќе плаќаат малку, туку малку туристи кои ќе плаќаат многу. Само колку за илустрација за време на Самитот на АТТА во мај оваа година во Охрид туристи плаќале и по 45 еур за масажа на рогозина и сено од само половина час! Истата оваа сума во масовниот туризам се заработува за 10 ноќевања, односно за 240 часа. Разликата е евидентна и фрапантна.
Поради сите горенаведени причини бараме надлежните итно да постапат според закон и соодветно да ги санкционираат сите одговорни за нелегалните активности во рамките на Националниот парк, било да се државни институции, било да се приватни правни и/или физички лица. Исто така, бараме и итно донесување на стратегија за туризам во Охрид која ќе се темели на начелата на активен и одговорен туризам, затоа што единствено таквиот туризам е иднината на регионот.
Активисти на Граѓанска иницијатива Охрид SOS
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.