Откриена измама и запленети девизи, облека, фалсификати и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија една царинска измама и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, влекач со полуприколка, облека, храна за птици и фалсификати.
Задржана е следната стока:

Девизи

– 2,37 милиони српски динари, откриени при контрола на српски автомобил и личен претрес на возачот, српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Во фиоката за документи, во фабричка преграда помеѓу предните седишта и во рачна торбичка на возачот биле пронајдени вкупно 3,57 милиони динари од кои согласно законските прописи му биле вратени 1,2 милиони динари-протввредност на 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата. Остатокот од 2,37 милиони динари се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.

-3.800 евра, откриени од страна на мобилните царински тимови, при личен претрес на италијански државјанин, кој управувајќи италијански автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Патникот пријавил дека со себе носи 4.000 евра, но во неговата торбичка биле пронајдени 13.800 евра за кои не поседувал документ за потекло или потврда за внесени готови пари издадена од царинските органи на Република Македонија, при влез во државата. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Влекач и приколка

– 1 влекач со полуприколка со бугарски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, задржани на граничниот премин Дојран на излез од државата, поради пречекорување на законски дозволениот рок за задржување на територијата на Република Македонија. Возилото претходно остварило влез во Република Македонија на 24.10.2015 година на граничниот премин Ново Село, како празно возило, а како доказ за причината за доцнење возачот приложил фактура од фирма од Радовиш за извршен сервис и промена на менувачот, но во законски определениот рок не ги известил царинските органи за причините за подолгото задржување на територијата на Република Македонија од законски дозволениот рок. Влекачот и полуприколката се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Облека

– 182 парчиња облека (женски блузи, фустани, здолништа и џемпери), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на македонска државјанка, која допатувала со лет од Цирих. Непријавените производи се привремено задржани, а против патничката е поведена прекршочна постапка.

– 109 парчиња облека (машки и женски бермуди, здолништа, панталони, фустани, елеци и блузи), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи, пронајдени во 5 најлонски кеси сокриени под предните седишта, под командната табла и во просторот за резервна гума на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

Храна за птици

– 100 килограми храна за гулаби CANTAVIR(10 вреќи од по 10 kg), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјани, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавената стока, пронајдена во багажникот на возилото, е привремено задржана, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 160 кукли со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на разна стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Струга, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Струга.
Куклите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи Царинската управа ќе поведе постапка за утврдување на нивната оригиналност.

Царинска измама

Во царинската испостава Гевгелија е откриен обид за избегнување плаќање увозни давачки во износ од околу 30 илјади денари, со погрешно декларирање на потекло на стока. Увозник од Кавадарци, во месец октомври 2015 година, пријавил за увозно царинење употребувано патничко моторно возило, при што не бил приложен доказ за потекло на возилото, но дополнително заедно со барање за дополнителни податоци во Служба за управна постапка, увозникот приложил уверение за движење ЕУР.1. Заради утврдување на веродостојноста и автентичноста на доказот за потекло, истиот бил испратен за дополнителна проверка кај царинската администрација на Германија, од каде е добиен одговор дека возилото опфатено со наведениот доказ за потекло не е со потекло од Европска Унија согласно одредбите од Протокол 4 од Договорот за Стабилизација и Асоцијација потпишан помеѓу ЕУ и Република Македонија. Врз основа на тоа, царинска испостава Гевгелија изготви Барање за промена на податок во царинската декларација до Службата за управна постапка и спроведе прекршочна постапка со мандатна казна против фирмата увозник.