Во врска со денешната прес-конференција на советниците на опозицијата во Советот на општина Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:
„СДСМ Охрид во недостиг на знаење и аргумнети на седниците на Совет, наместо таму каде што се носат важни одлуки за граѓаните, по обичај, се обидува недостатокот да го компензира со пласирање на петпарични приказни на театарски претстави два до три дена после седниците на Совет.
Веднаш и директно да им одговориме дека продажба на градежно земјиште меѓу кои и локацијата за автобуска станица оди исклучиво според Закон за градежно земиште, а по претходно спроведен јавен оглас и електронска акуција, работи кои што во времето на владеење на СДСМ беа непознати именки во нивниот лексикон. Доколку како што тврдат дека автобуската била продадена по багателна цена зошто таканаречените „нивни фирми“ не се пријавиле и истите не го купиле предметнотно земиште? Меѓутоа се поставува друго логично прашање : како не се срамат да зборуваат, кога единствената и современо изградена автобуска која постоеше во центарот на Охрид ја уништија за да изградат облакодери за приватен интерес.
Денес им сме особено благодарни што после повеќе од 10 години се сетија да го посетат „местото на злосторот“ и да видат што направија односно не направија, а замислуваа да биде автобуска. Освен тоа ги замолуваме СДСМ Охрид: Никогаш повеќе да не ја спомнуваат темата за некаков бенефит кој би го добила општината од користење на станбен и деловен простор, бидејќи се што на сомнителен начин фиктивно добиваа како станови и деловни простории по пат на компензации, асигнации и цесии денес е стопено и никаде го нема.
Но тоа не беше се. Нивната стратегија за штитење на приватни интереси и полнење на приватни џебови продолжи и по примерот на времените објекти на општина Охрид. Со нивно знаење за време на нивниот 8 годишен мандат буџетот на општина Охрид беше намерно оштетуван, а надоместокот за користење на времени објекти чие земиште е сопственост на општината Охрид, наместо на сметката на општината овозможуваше криминално богатење на нивни блиски луѓе. За да е апсурдот поголем денес повторно се јавија со конфузен прес за истата тема, со кој потврдија дека не отстапуваат од старата стратегијата за уништување на општина Охрид и граѓаните на Охрид, а богатење на поединци блиски на нивната партија.
Денес за среќа на тој пат има две пречки: законот и посветеноста на Локалната самоуправа во спроведување на законот.“– се вели во реакцијата.