Во ова турбулентно време секојдневно сме сведоци и се соочуваме со специфични предизвици кои бараат сериозен пристап и потполна посветеност. Ризиците од безбедносни закани и тероризам, мигрантската криза како глобален предизвик чиј втор бран се очекува во наредните месеци, бараат соодветен ангажман кој ние како Министерство за внатрешни работи, без никакви компромиси мораме да го задржиме во континуитет гарантирајќи ја и понатаму безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Македонија, велат од МВР.
„Како резултат на овие предизвици со кои се соочува не само нашата земја и земјите во регионот, но и целиот свет, се јави потреба од нови полициски службеници кои ќе го пополнат и подмладат постоечкиот кадар во Министерството. Претходните генерации селектирани по највисоките европски стандарди и критериуми ги оправдаа нашите високи очекувања и веројатно се најдобрите засилувања на полицискиот состав.
Нивниот број во овој момент на безбедносни ризици, не само што е недоволен туку Република Македонија заостанува во однос на бројот на полициски службеници по жител, во однос на земјите во регионот и пошироко.
Настојувањето е да се следат препораките и просекот на 300 униформирани полициски службеници на 100.000 жители прифатен од најдобрите европски практики.
Во моменотов само за пример во Сектор за внатрешни работи Скопје просекот на полициски службеници на 100.000 жители изнесува 145 извршители, односно 42% од предвидените работни места. Слична е состојбата и во другите Сектори за внатрешни работи каде пополнетоста на предвидените работни места се движи од 50-60 % ;
Освен ова од направените анализи, се очекува до 2020 година пензионирање на околу 1400 вработени лица во Министерството, од кои дури 1150 полициски службеници, што значително ќе влијае на просекот на пополнетост .
Воедно, во усвоената Стратегија за развој на полицијата 2016-2020 година, детектирани се повеќе фактори кои влијаат на успешноста на полицијата меѓу кои од круцијално значење е недоволната кадровска пополнетост.“ – информираат од МВР.
За таа цел Министерството за внатрешни работи согласно Законот за внатрешни работи и Законот за полиција распишува јавен оглас за прием на 600 полициски службеници и тоа:
– во Организациски единици со седиште во Скопје- 100 извршители,
– во Регионален центар за гранични работи Север – Скопје 70 извршители,
– во Регионален центар за гранични работи Југ- 45 извршители,
– во Регионален центар за гранични работи Запад- 50 извршители,
– во Сектор за внатрешни работи Охрид-30 извршители,
– во Сектор за внатрешни работи Струмица- 20 извршители,
– во Полициска станица Кисела Вода – 19 извршители,
– во Полициска станица Аеродром – 39 извршители,
– во Полициска станица Бит Пазар – 12 извршители,
– во Полициска станица Гази Баба – 50 извршители,
– во Полициска станица Драчево -16 извршители,
– во Полициска станица Ѓорче Петров – 34 извршители,
– во Полициска станица Карпош – 33 извршители ,
– во Полициска станица Центар – 39 извршители и
– во Полициска станица Чаир- 43 извршители.
Кандидатите кои ќе аплицираат на конкурсот како и досега ќе поминат повеќе нивоа на селекција односно: административна селекција, проверка на моторички способности, психолошки тест, писмено тестирање, интервју, безбедносна проверка и здравствени прегледи се со цел обезбедување на континуиет и задржување на високите стандарди при избор на полициски службеници.
При спроведување на селекцијата на пријавените лица им се овозможува под еднакви услови да ги демонстрираат своите способности, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, верско уверување, имотна и општествена положба. По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец и на истата се упатуваат за 10% поголем број кандидати од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас. По завршување на основната обука, Министерството за внатрешни работи со кандидатот за полицаец кој успешно ја завршил и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата склучува Договор за вработување.
Пријавата со потребната документација, кандидатот е должен да ја поднесе ЛИЧНО, во рок од 15 дена не сметајќи го денот на објавување, односно денешниот ден, во едно од определените места за пријавување, и тоа: Сектор за внатрешни работи Скопје, Полициските станици Гази Баба, Бит Пазар и Карпош како и Секторите за внатрешни работи Битола, Велес, Куманово, Тетово, Охрид, Струмица и Штип.
Министерството за внатрешни работи ги охрабрува сите полнолетни државјани на Република Македонија кои немаат наполнето 25 години да аплицираат на конкурсот и на сите кандидати им посакуваат успех.