Заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи Никола Попоски во текот на ноќта телефонски разговарал со турскиот колега Мевљут Чавушоглу при што било потврдено дека турските власти работат на враќање на редот и мирот во државата и дека набрзо ќе бидат отстранети сите можни закани.
Попоски во разговорот истакна дека Република Македонија најостро ги осудува сите акти на насилство и терор и изразува поддршка на демократски избраните институции. Воедно, изрази и сочувство до семејствата на сите загинати и/или повредени во вчерашните настани во Турција, информира Министерството за надворешни работи.
МНР во денешното соопштение наведува дека продолжува континуирано да ја следи состојбата во Турција и е во постојан контакт со Амбасадата на Република Македонија во Анкара и Генералениот конзулат во Истанбул, како и со соодветните институции од земјите во регионот, со цел обезбедување соодветни информации за македонските граѓани.
Според досега добиените информации, забележан е застој во движењето на бугарско турскиот и грчкотурскиот гранични премини, а не се реализираат ниту авионските летови на релација СкопјеИстанбул. Согласно остварените комуникации со дел од македонските граѓани кои во моментов се наоѓаат во Турција, ве известуваме дека се безбедни и засега не е регистриран ниту еден повреден или загинат македонски граѓанин, соопшти МНР.
Министерството апелира до сите македонски граѓани кои во овој момент се наоѓаат во Турција да останат на безбедни локации, да не ги напуштаат хотелите и објектите каде што се сместени и да избегнуваат собири на јавни локации.
За сите прашања поврзани со безбедноста на македонските граѓани кои во моментот се наоѓаат во Турција, молиме да се обратите на отворените телефони во нашите дипломатско конзуларни претставништва во Анкара и Истанбул или во Министерството за надворешни работи, соопшти МНР.