Во Трпејца од 20 до 28 јули годинава по петти – јубилеен пат Здружението за развој и промоција ЗА ТРПЕЈЦА СО ЉУБОВ – Охрид ќе го организира културно – забавното лето „На зајдисонце“ – 2016.
Пред пет години на манифестацијата беше претставен трпејчанецот Никола Павлески и неговите фотографии во кои имаше и мотиви од селото, а беа промовирани и неговите анегдоти под наслов ВЕСЕЛОТО КАЈЧЕ. Во меѓувреме Павлески напиша нови 25 анегдоти кои се вметнати во новото издание на книгата и дел од нив актерката Марија Кондовска ќе ги прочита утревечер а ќе следи неговата изложба на фотографии под наслов „Од моите патувања“. За творештвото на Павлески ќе зборува писателот и публицист Мишо Јузмески.
Манифестацијата ќе започне со изведбата на химната „На зајдисонце“ па видео презентација во чест на петте години од постоењето а ќе настапи и КУД „Ѓердан“ .
Деветдневното дружење со уметноста и забавата се очекува во име на градоначалникот Никола Бакрачески да го означи за отворено заменик градоначалникот Ангел Јанев.
Општина Охрид сите изминати и оваа година ја препозна манифестацијата како успешна приказна и е нејзин покровител.
На чинот на отворањето обраќање ќе има и м-р Нина Момировска, претседателка на Здружението ЗА ТРПЕЈЦА СО ЉУБОВ.
Во дописот до медиумите – организаторите од здружението „За Трпејца со љубов“ велат:
„Деновиве со нас ќе бидат активистите на Здружението ОПЦИЈА на трибината: ПРЕВЕНЦИЈА ОД КРВНО И СЕКСУАЛНИ ПРЕНОСЛИВИ ИНФЕКЦИИ. Со Михајло Филев ќе ја откриваме „Тајната на изработка на охридскиот бисер“а ќе се одржи и атрактивната вечерна музичка променада „Со кајче по езерото“. На летната сцена ќе го видите документарецот „Охрид, град галерија“ од м-р Милчо Јованоски, посветен на најпознатите охридски уметници, како и гостувањето на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца. Покрај настапот на КУД „Далги“ годинава ќе има натпревар во шах, домино и табла меѓу пензионерите вечни ривали од Трпејца и Пештани,а членки на Здружението ќе читаат и сопствени стихови инспирирани од убавината на Трпејца и Езерото.
Наш гостин ќе биде уметнички надарениот Трајан Ристески од Охрид . Тој е музичар, поет и уметник.
За„Рибното богатство на Охридското Езеро“ ќе зборуваме со д- р Трајче Талевски, а по втор пат наши гости ќе бидат уметници од Општина Вевчани,а ние до крајот на летото ќе им возвратиме со посета.“ – велат од Здружението,
Петта година по ред заедно со манифестацијата буквално и физички и музички растеа момците од ансамблот „Билјана“. Во Трпејца ќе ја има втората промоција на второто ЦД .
Во забавно – едукативниот дел и годинава ќе продолжат работилницата по англиски јазик со м-р Габриела Неделкоска. Школата за пливање под раководство на професор Соња Думбалова – Делова, како и школите за шах и цртање со Борис Лушески и Слободан Пупиноски. Крај езеро ќе биде организиран и натпревар во ловење риба.
Ќе се одржи традиционалната регата која го носи името на покојниот основач и прв тренер на клубот Номче Митрески. рекреативната патека „Чоколско“ во близина на селото Трпејца.
Општата цел и концептот на манифестацијата е преку промоција пред се на познати и признати уметници секој во својата област со поддршка и отворена афирмација на млади таленти кои потекнуваат од Трпејца ( локално ), Охрид – регионално и национално од Македонија и по можност интернационално да се збогати културната понуда во ова туристичко место.
Здружението „За Трпејца со љубов “ освен културолошка димензија и градење публика за културни настани во една селска средина има за цел и реализација на забавни содржини кои ќе ја подигнат туристичката понуда на Трпејца која е веќе позната на туристичката мапа во Македонија.
„И во иднина пронаоѓање и поттикнување на таленти од локалната средина да се занимаваат со култура и уметност. Се стремиме за активен културен туризам. Селаните и туристите заедно учествуваат во активностите, а најголемиот дел се само проследувачи на содржините кои се одржуваат под ведро небо и немаат комерцијален карактер, туку се отворени и бесплатни за сите.“– велат од Здружението за промоција и развој ЗА ТРПЕЈЦА СО ЉУБОВ.
Целна група на манифестацијата НА ЗАЈДИСОНЦЕ се сите од 7 до 77 низ разни форми.
Над 300 жители во Трпејца и потенцијалната бројка од околу 200 до 300 гости во приватните сместувачки капацитети и еднодневни гости во текот на одржувањето на манифестацијата . Се очекува приредбите и ова лето да ги проследат над 3000 посетители. Искуството покажува дека приредбите се извонредно прифатени од селаните, но и туристите и оценките се повеќе од позитивни. Четири години со ред настаните ги следат не само туристи и жители на Трпејца, туку доаѓаат годишноодморци од соседните Пештани, Градиште и Љубаништа, па дури и од Охрид.