Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани семки од cannabis, куршум за автоматска пушка, боја, зацврстувач за боја, лепак, употребувана машина за гравирање, делови за огради, метални стеги, пестициди, облека, обувки, мобилни телефони, дрон, девизи, цигари и фалсификати.
Задржана е следната стока:
Цигари
– 33 штеки цигари RODEO и BOSS со македонски акцизни маркички откриени при контрола на македонски автобус, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Цигарите пронајдени во багажниот простор, во патни торби сопственост на македонски државјанин кој патувал со автобусот, се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.
Девизи
– 950 евра откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на македонски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Нуремберг, Германија. Во мала торбичка која патникот ја носел на рамо, пронајдени се 2.950 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи на патникот му се вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок е поднесено барање за поведување соодветна постапка.
Семки од cannabis, муниција и марихуана
– 19 семки од растението cannabis, спакувани во 7 пакетчиња и 1 шприц со непозната течна материја, откриени во царинската испостава Пошта Скопје при контрола на две пратки испратени од Австрија, наменети за физичко лице од Тетово. Семките и шприцот се привремено задржани, а против примачот е поднесена кривична пријава;
– 1 куршум за автоматска пушка и 1 грам марихуана, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блато. Куршумот е пронајден во фиоката за документи што се наоѓа пред совозачкото седиште, додека марихуаната е пронајдена во задната преграда на истото седиште. Случајот е предаден за Министерството за внатрешни работи, за понатамошна постапка.
Градежни материјали, делови за огради и друго
-250 килограми зацврстувач за боја (10 вреќи) и 20 килограми градежна боја во прав (2 вреќи), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени позади предните седишта и во багажниот простор на возилото, се привремено задржани а против возачот ќе биде поднесена прекршочна постапка;
– 18 грејни радијатори, 100 килограми лепила, 10 килограми разредувач, 1 употребувана машина за гравирање, 6 килограми букви за гравирање, 115 килограми непечатена фолија и 60 килограми поликолор, откриени при контрола на стока со потекло од Франција наменета за фирма од Крива Паланка, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Куманово. Непријавените производи се привремено задржани, а против увозникот ќе биде поведена соодветна постапка;
– 261 алуминиумски делови за огради и 37 килограми лепак за бетон, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, пронајдени на задното седиште и во багажникот на возилото покриени со ќебе, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка;
– 50 метални стеги и 9 литри пестициди, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од грчки државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија.. Непријавените производи пронајдени под предните седишта на возилото се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапкa;
– бугарска сообраќајна дозвола, откриена при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Делчево. Дозволата се однесувала на возило марка Opel Vectra, со кое возачот претходно остварил влез во Република Македонија, подоцна го расходувал, а регистарските таблички ги одјавил во Република Бугарија без да го стави во пропишана царинска постапка и без да плати увозни давачки за истото. Против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка за сторениот царински прекршок.
Облека, козметика и модни додатоци
– 153 парчиња женска облека (фустани, здолништа, маици, костими за капење, кратки и долги панталони, кошули, комбинезони и комплети од кратки панталони со маица) откриени при контрола на багажот на тројца македонски државјани, кои патувајќи со бугарски автомобил се пријавиле за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во патни торби и кеси под личните работи, се привремено задржани, а против патниците ќе бидат поведени прекршочни постапки;
– 220 женски марами откриени при контрола на македонски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените марами, пронајдени во најлонски кеси сместени пред и зад совозачкото седиште и под гумената простирка во багажникот на возилото се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка;
– 75 парчиња облека (фармерки, кратки панталони, јакни, маици и блузи) откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на српски државјанин кој допатувал со лет од Ајндховен. Непријавената облека е привремено задржана, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Технички производи
– 4 мобилни телефони Iphone 6S plus и 1 дрон, откриени во два одвоени случаи на скопскиот аеродром Александар Велики.
Во првиот случај, при контрола на патен ранец на српски државјанин кој допатувал со лет од Виена, се пронајдени непријавени 4 мобилни телефони Iphone 6S plus, додека во вториот случај при контрола на патнички куфер на македонски државјанин кој допатувал со лет од Цирих е пронајден 1 дрон. Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани, а против патниците ќе бидат поведени прекршочни постапки.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 24.804 литри овошни сокови, 2.110 модни додатоци и 70 килограми лента за ремени со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.
Во првиот случај, при контрола на стока со потекло од Кина наменета за фирма увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Богородица, откриени се 1.175 ташни, 935 очила за сонце и 70 килограми лента за ремени со лого на заштитени трговски марки, чија пазарна вредност е проценета на околу 3,7 милиони денари доколку би се продавале како оригинали.
Во вториот случај при контрола на стока со потекло од Србија, наменета за фирма увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во поедноставена постапка откриени се 24.804 литри овошни сокови со лого на заштитена трговска марка, чија пазарна вредност е проценета на над 1 милион денари доколку би се продавале како оригинални.
– 24 пара спортски патики со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на српско такси возило, натоварено со стока со потекло од Турција пријавена за транзитна постапка на граничниот премин Богородица. Пазарната вредност на производите е проценета на околу 78 илјади денари, доколку би се продавале како оригинали.
Во сите три случаи производите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи Царинската управа ќе поведе постапка за утврдување на нивната оригиналност.