Претставата „Сонот на Гогољ“ вечерва на Охридско лето

Во рамки на програмата на фестивало Охридско лето, вечерва во предворјето на црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот, театарската работилница „Сфумато“ од Софија ќе ја изведе претставата „Сонот на Гогољ“.

„Ова не е само едноставна изведба на текстовите на Гогољ, ова е последователна експедиција на Сфумато во светот на авторот. На хоризонтот во нашата потрага, можеме да ја замислиме фантазмагоричната силуета на Гогољ обвиткана околу неговиот добро познат шинел, која срамежливо се прикрадува кон импозантната улица „Невски проспект“ – која е моќен приказ на империјата Санкт Петербург. Тој град на духови, тој налудничав проект инспириран од претставата за небесниот Ерусалим, опишан е од Гогољ како дувло на демони и ѓаволи. Луѓето на Гогољ живеат меѓу нив и секој еден е дупликат на себе, приказ на сопствените стравови, копнежи и разочарувања…“– пишува во најавата за претставата.

Претставата е работена по драмскиот текст на Николај Васиљевич Гогољ, а во режија на Маргарита Младенова и Иван Добчев.

Маргарита Младенова како режисер, режира за најдобрите театри во Бугарија – Народниот театар, Театарот на сатира и Софискиот градски театар.

Oд 1967 година до 1971 година, завршува театарска режија на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, a oд 1992 година до денес работи како редовен професор во Националната академија за театар и кино-уметност. Има режирано повеќе од 150 продукции за драмски театар, ТВ и опера.

Иван Добчев, основач, уметнички директор и режисер на театарот Сфумато лабораторија, од 1989 година. Работи како професор на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија. Добитник е на многу меѓународни награди и признанија.

Костимографијата е на Даниела Олег Лијахова, музиката на Асен Аврамов, а улогите ги толкуваат: Снежана Петрова, Албена Георгиева, Мирослава Гоговска, Елена Димитрова, Христо Петков, Цветан Алексиев, Огњан Голев и Антонио Димитриевски.

WebOhrid