Православните верници го одбележуваат празникот посветен на Светата Великомаченичка Недела. Многубројни верници од целата држава, како и наши иселеници од синоќа масовно се упатуваат во манастирот Света Недела во селото Оровник, палат свеќи и се молеат за здравје и среќа.
И оваа година прославата беше збогатена со музика, овој пат присутните ги забавуваа Екстра Бенд Плус и Сара Камчева.
Повеќе за манастирот Света Недела во село Оровник
Во местото викано „Капеш“, веднаш над селото Оровник, на патот кој води за „Тројанско поле“ и соседното село Лакочереј, се наоѓа месноста „Лекојта Вода“. На ова место од памти век постои изворче со лековита вода, богата со минерали. Ова место уште од порано меѓу населението било познато како „Св. Недела“.
Во 90-тите години од минатиот век, на иницијатива од оровничанецот Крсте Б. Нелоски заедно со неговата фамилија, потпомогнат од жителите на Оровник и околните места, започната е изградба на манастирска црква Св. Недела. Прво е извршена каптажа на малото изворче, расчистен е теренот и е подигната манастирската црквата Св. Недела. Црквата е осветена на ден 20 јули 1996 год, на празникот Св. Недела. Осветувањето го изврши митрополитот Дебарско – кичевски Тимотеј со своите свештено-служители. Подоцна наредните години, веднаш над манастирската црква изграден е манастирски конак и камбанарија. Богослужба има за празникот Св. Недела, на 20ти јули секоја година. Спроти празникот Св. Недела, вечерта на „заслогот“ има голем Црквено – народен собор, кој секоја година е посетен од многубројни верници од целата држава. На самиот празник, на Св. Недела, 20ти јули, има богослужба, а манастирот за сите посетители дава ручек.
За многу години празникот!
WebOhrid