Концерт на Карло Торлонтано (алпски рог, Италија), Масимилијано Питоко – (бајан, Франција), Јури Шишкин – (хармоника, Русија) ќе се одржи вечерва во црквата Света Софија со почеток од 21:00 часот, во рамки на програмата на Охридско лето.
На програма ќе бидат изведени дела од Р. Бартеш, А. Дворжак, Л. Боелман, Џ. Дакила, Ф. Ангелис, Ф. Фаркаш, В. Глаиснер, В. Семионов, Л. Моцарт.
Неговите изведувачки вештини ја воодушевуваат публиката и критиката во светот со години. Јури Шишкин го сметаат за еден од најдобрите хармоникаши на денешнинава. Неговата кариера започнува релативно доцна. На 25-годишна возраст Шишкин ја започнува својата концертна дејност, речиси, во сите поголеми музички центри во Европа, Азија и Америка. Покрај хармониката, неговиот втор инструмент е инструментот бајан.
Италијанското дуо „Алфорн & Бајан“ (Alphorn & Bayan) е создадено со цел да ја запознае јавноста со два инструменти од традиционалната и популарната култура – инструментите алфорн и бајан. Со уникатниот звук кој тие го нудат, доживуваат огромни успеси насекаде во светот.
Карло Торлонтано голем дел од својата кариера посветил на промоција на инструментот алфорн (алпски рог), неговата традиција и репертоарот кој може да се изведува со овој инструмент. Масимилиано Питоко пак, се смета за еден од најзначајните изведувачи на Баховата музика на инструментот бајан (вид руска рачна хармоника) во светот. Покрај изведувачката дејност, во светот е познат и по учеството на голем број конференции и семинари за овој инструмент, и како член на жири на повеќе интернационални натпревари по инструментот бајан.