Хрватскиот „Судар Перкашн“ атракција на Охридско лето

Со прекрасен концерт на популарниот хрватски ансамбал „Судар перкашн “ вчеравечер во Предворјето на црквата „Света Софија“продолжи музичкиот дел од програмата на Охридско Лето“ .

Членовите на овој ансанбл на своите инструменти, вибрафон, маримба, ксилофон, ѕвона, пијано, тапани, бас гитара и перкусии ја разиграа публиката со делата на М. Мештровиќ, В. А. Моцарт, М. А. Менке и Ж. М. Жар. Во нивниот настап кој траеше повеќе од час и половина оправдано го заслужија епитетот – атракција на Охридско лето.

„За прв пат сме во Македонија и на овој реномиран фестивал. Голема чест е да се настапува на фестивал каде настапуваат многу светски музички легенди. Морам да признаам дека сме фасцинирани од прекрасниот и автентичен изглед на оваа црква и од односот на публиката и енергијата која не соедини. Атмосферата е неопислива и сум сигурен дека нашиот концерт вечерва засекогаш ќе остане во нашите сеќавања, сигурен сум дека публиката ја почуствува удирачката енергија од нашите инструменти“, изјави раководотелот на Судар перкашн, Горан Горше.

Спонтани и атрактивни младите хрвати направија врвно уметничко доживување, концерт за паметење и вистинска атракција. Со својата енергија во танцувачки ритам ја крена публиката на нозе.

„Редовно ја следам програмата на Охридско лето. Вечерашниот концерт беше еден од подобрите. Младите музичари покрај врвната изведба изгледаа многу атрактивно, разиграно, постојано . Имаше и енергија која не остави на нога. Навистина се забавувавме“, вели скопјанката Ана Николова.

Ансамблот „СУДАР перкашн“ е формиран во 2010 година, со цел да се поттикне развојот и создавањето на музика за удирачки инструменти. Во ансамблот членуваат млади професионални музичари од Самобор кои се стремат кон популаризирање на овие инструменти помеѓу младите преку работа на иновативни проекти.

„СУДАР пекашн“ досега соработувал со некои од најголемите имиња од светската удирачка сцена и музичката уметност воопшто, меѓу кои и композиторот Матеја Мештровиќ – соработка која резултирала со бројни концерти и настапи на еминентни фестивали на Балканот. Ансамблот има издадено и авторски компакт-диск на Мештровиќ, наслов „Eat Suite“, за кој има освоено две награди, од вкупно 6 номинации, на „Индипендент мјузик авордс“ (Independent Music Awards) во Соединетите Американски Држави.