Виолинистот Роман Симовиќ и пијанистот Ратимир Мартиновиќ вечерва на Охридско лето

Во рамки на програмата на фестивалот Охридско лето вечерва, со почеток во 21:00 часот во црквата „Света Софија“ ќе настапат црногорските уметници виолинистот Роман Симовиќ и пијанистот Ратимир Мартиновиќ.

На програмата ќе бидат изведени дела од А. Парт, С. Прокофјев, Ф. Пуланк, М. Равел.

Неговата брилијантна виртуозност и вродена музикалност, проследени со бескрајната имагинација го носат на најпрестижните музички сцени во светот. Во биографијата на виолинистот Роман Симовиќ впишани се настапи со водечките оркестри и со некои од најеминентните диригенти во светот на музиката. Големиот број награди кои ги добива на интернационалните натпревари во светот, го сместуваат меѓу најзначајните виолинисти на неговата генерација. Чест гостин е и на фестивалите во Европа, како солист, но и како камерен изведувач.

IMG_3131-2-300x200

Ратимир Мартиновиќ според критичарите е еден од водечките пијанисти на неговата генерација. Има одржано повеќе стотини солистички и камерни концерти во целиот свет, притоа соработувајќи со голем број значајни музички уметници и ансамбли. На почетокот на својата кариера бил чест учесник на националните и некои интернационални натпревари, на кои има добиено повеќе награди и признанија. Има издадено два компакт-дискови со музика од Јохан Себастијан Бах, Волфганг Амадеус Моцарт, Фредерик Шопен, Јоханес Брамс и Сергеј Прокофјев.