Петтото издание на манифестацијата НА ЗАЈДИСОНЦЕ е примено со посебни симпатии меѓу мештаните и гостите во Трпејца. Атрактивните и бесплатни настани и школи привлекуваат многу деца, млади и возрасни кои сакаат активен одмор.
Во саботата на плажата во Трпејца беше организиран натпревар во фаќање риба на јадица, а продолжија и школите по англиски и цртање.
Посебен интерес кај туристите и воодушевување предизвика Вечерната променада со кајче по езерото. Млади музичари од Охрид а со нив и гостинчиња од Кавадарци и Франција во кајче пловеа крај брегот и свиреа познати дела од класиката и народни и забавни евергрини.
Вечерта беше прикажан документарниот филм „Охрид град – галерија“ од авторот Милчо Јованоски во издание на Здружението КУЛТ ДАМ а неговото снимање уште во 2011 го поддржа Општина Охрид. Документарецот е приказна за најпознатите охридски уметници:Јоне Симонче, Вангел Наумоски, Живко Пејовски, Јордан Манасијески и Славко Упевче. При посетата на Трпејца амбасадорот Јордан Плевнеш ја пренесе идејата филмот за охридските уметници наскоро да биде прикажан во Париз во седиштето на УНЕСКО и во Берлин на Хумболт универзитетот а догодина во Трпејца во соработка со универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА – Скопје да бидат прикажани филмовите победници од фестивалите во Берлин и Париз.
Во неделата се одржа традицоналаната кајакарска регата „Номче Митрески“ на која учествуваа млади ама и поранешни кајакари од Трпејца а меѓу нив и актерката Марија Кондовска,( натурализираната трпејчанка ) која освои и пехар.
Летната сцена вечерта беше отстапена за претставување на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца. Годинава за прв пат се одржа натпревар во шах и домино помеѓу вечните ривали – пензионери од Пештани и Трпејца. Со изложба на изработените творби беше заокружена школата во цртање раководена од уметникот Слободан Пупиноски. Две поетеси – пензионерки читаа своја поезија,со избор од старгоградски песни настапи КУД „Далги“а се слушна и „гласот“ на гајдата.
Вчера започна тридневните школи за пливање и шах раководени од Соња Думбалова – Делова и Борис Лушески.
Вчеравечер во Трпејца гостуваше поетот, музичар и уметник Трајан Ристески кого најмногу го препознаваат како дел од групата „Цар Самоил“. Публиката во живо во негова изведба на гитара и усна хармоника ги слушна вечно зелените „Еден бакнеж“ и „Мојата серенада“ а преку збор, слика и песна Ристески ни го доближа сопстевното творештво и талент.
Вечерва во централнито термин од 20.30 часот презентација за рибното богатство на Охридското Езеро ќе одржи д-р Трајче Талевски, утревечер ќе настапи ансамблот „Билјана“ а во четврток ќе се одржи традиционалната прошетка по патеката Чоколско а на затворањето ќе настапат гостите од Вевчани Сашо Бетоски, автор на книга со афоризми „Од кол на кол “ и младата оперска певица Викторија Чочоровска.