Во рамки на фестивалот „Охридско лето“, како дел од дополнителната програма, синоќа беше промовиран проектот Водич за Македонија на англиски јазик во издание на Издавачката куќа „Љубовта е Петтиот Елемент” од Скопје.
Како што беше речено на промоцијата, ова дело што е работено во текот на изминатите 15 години, според обемот и квалитетот може да влезе во енциклопедиските проекти.
„Досега немаме репрезентативно издание коешто Македонија може да го покаже секаде низ светот и да покаже дека има длабоки корени и чувство за идентитет. Ова е работено 15 години ако се земат предвид, графиката, мапите и собираниот материјал. Сметам дека за вакви крупни работи треба време, знаење и тим. Не постои земја во Европа која во последните 25 години има толку голема потреба од промоција на државата, нацијата и сите други аспекти како што има Македонија. Мислам дека со ова дело се задоволува и аспектот за промоција на туризмот во земјата. Сето тоа е така спакувано така што не се разликува од големите светски изданија од ваков тип,“ истакна авторот, уредник и издавач на Водичот, Гоце Дртковски.
Промоторката Соња Димоска, Водичот го оцени како висококвалитетно дело кое ги опфаќа сите аспекти на Македонија.
„Во Македонија имаме туристички водичи, но не од ваков формат. Книгата не само што е обемна квантитативно со над 400 страници, туку и квалитативно е богата со содржини. Четириесеттина соработници работеле на содржините на овој водич. Покрај историја, културно наследство и природа го опфаќа и сето она што Македонија го нуди како богатство“, појасни Димоска.
Водичот за Македонија има вкупно 404 страници испишан материјал. Содржи педесет мапи, десет 3Д мапи на поголемите градови во Македонија, сто илустрации и 999 фотографии кои покажуваат голем дел од богатствата на земјата.
Авторот, уредник и издавач Гоце Дртковски е колумнист, новинар, публицист кој работи како дописник за некогаш најголемите југословенски медиуми. За време на осамостојувањето на Македонија е дописник од Њујорк за МРТВ и за други македонски медиуми. По враќањето во Македонија, работи во независниот дневен весник „Република“. Во неговата книга „Слободен новинар“, се сублимирани сите неговите искуства од оваа област. Од 2003 година е дел од уредништвото на меѓународното списание „Политичка мисла“.