Четвртото издание на Фестивалот за процесирање култура, „ДримON“, организиран од Иницијативата за независен културен активизам (ИНКА) и овозможен со поддршка од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД ќе се одржи во Струга од 27 до 31 јули. Фестивалот, кој годинава повикува „Крени уши“, ќе се одвива во и околу Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, ќе понуди сцена за изразување различни прогресивни погледи, ќе разгледува поинакви пристапи на активизам и ќе инспирира критична демократска мисла на граѓаните.
„ДримON“ ќе понуди засолниште од хипокризија, дискриминација, културна деградација и сите видови вируси и паразити. Пет-дневната програма носи дебати, изложби, музички настани, перформанси, филмови, работилници, со многу звучни имиња од културната и уметничката сфера. Влезот на сите настани е бесплатен.
Музичката програма на фестивалот ќе ја отворат „Штудгарт Онлајн“, со настап на главната сцена на 27 јули. На 28 јули ќе настапат новосаѓаните „Обојени Програм“, додека на 30 јули настап ќе има и групата „Канда, Коџа и Небојша“. Во музичката програма учествуваат и Мухамед Ибрахими, „Милко“, „Кантон 6“, „Стринг форсес“, и диџеите Мирко Попов, Роботек, Нино Наумов и Блерта Косова.
Во текот на петте дена, со почеток во 19.30 часот фестивалот ќе понуди и серија на дебати со фокус на независната култура и опстојувањето на критичката мисла во општественото живеење, теми на кои, меѓу другите ќе дебатираат Слободан Унковски, Искра Гешовска, Ана Јовковска, Игор Тошевски, Небојша Вилиќ, Влатко Галевски, Елизабета Шелева, и Александар Прокопиев. Филмската програма на фестивалот, со проекции на две локации, ќе вклучува одбрани шпански филмови во соработка со Скопје филм фестивал, кратки документарни филмови нa Скуп, филмовите „Девојката што паѓа“ на Владимир Лукаш, „Кружниот пат на Марето“ од Жарко Иванов, филмови на Синиша Ефтимов и Јане Алтипармарков. Филмската програма на „ДримON“ традиционално ќе заврши со театарска претстава, „Госпоѓица Јулија“ на Театар Фабрика, во копродукција со Драмски Театар.
Четвртото издание на фестивалот ќе понуди и богата програма на работилници, кои ќе вклучуваат теми од областа на танцот, сликање на текстил, изработка на колажи, детска работилница со театар на сенки, стенсил и графити работилници итн. Програмата на „ДримON“ во текот на петте дена клучува и изложби, меѓу кои ДРИМОN групна изложба, и изложбите „Вечното враќање“ на Оливер Маринкоски, „Прошетка низ наративните линии“ на Ангел Миов, „Оставете ги да зборуваат” на Сабина Гузик. Програмата на фестиваклот предвидува и серија од перформанси, со гости уметници од Холандија, Словенија, Романија. Третиот ден од фестивалот,
29 јули ќе биде посветен на 25-годишнината од постоењето на независното радио Kanal 103.
Иницијатива за независниот културен активизам (ИНКА) е создадена како здружение на културните работници, со цел да се продолжат, да се заштитат и да се координираат интересите и визиите за промоција на современата и самостојна уметност и култура. Заради остварување на оваа мисија, во 2013 година е основан фестивалот за процесирање култура – ДРИМON. ДРИМОN има за цел обезбедување на слободен влез за публиката во реалните достигнувања на современата уметност, промоција на независниот филм, литература, театарската и музичката сцена, и поттикнување на културниот активизам.
Целосната програма на фестивалот е достапна на http://drimonfestival.org/.