Запленет златен накит со вредност од 1 милион денари

На 23 јули 2016 година за излез од Република Македонија на граничниот премин Табановце се пријави патничко моторно возило со швајцарски регистарски ознаки, управувано од српски државјанин. При преглед на возилото, во багажниот простор од возилото во мала шарена кесичка за накит и тоалетен несесер сместени во црно пластично ќесе во просторот наменет за чување на помошен прибор, пронајден е златен накит (женски алки, прстени, ѓердани и брошови) со тежина од 440 грама и 8 употребувани рачни часовници (машки и женски). На ваков начин пријавениот се обидел да пренесе стока без да ја пријави, во вредност од околу еден милион денари.

Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава до надлежното јавно обвинителство, а судијата на претходна постапка му изрече мерка претпазливост одземање на патната исправа.

Покрај ова, во текот на минатата недела царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани семки од cannabis, сообраќајна дозвола, опрема за мобилни телефони, облека, мрежи за ловење риби, алуминиумски профили и фалсификати.
Задржана е следната стока:

Семки од cannabis

– 6 семки од растението cannabis и 2 проспекти за порачување на семки од cannabis, откриени во царинската испостава Аеродром Александар Велики – отсек за стоково царинење, при контрола на пратка пријавена како рачен часовник, испратена од Велика Британија, а наменета за физичко лице од Скопје. При физичкиот преглед на пратката, наместо рачен часовник се пронајдени семките и проспектите.

Сообраќајна дозвола

– 1 одјавена бугарска сообраќајна дозвола од моторцикл марка SUZUKI, откриена при контрола на македонски државјанин, пријавен како пешак за влез во државата на граничниот премин Делчево. Сообраќајната дозвола била пронајдена во најлонско ќесе кое со себе го носел пешакот, кој изјавил дека моторциклот го продал на друг македонски државјанин, а регистарските таблички и сообраќајната дозвола од истиот ги задржал и ги одјавил во Бугарија. На тој начин лицето го пуштило мотоциклот во слободен промет без да го стави во пропишана царинска постапка и без да плати увозни давачки за истиот, заради што против него е поведена прекршочна постапка.

Опрема за мобилни телефони и друга опрема

– 373 парчиња опрема за мобилни телефони и друга опрема (заштитни и стаклени фолии, полначи, слушалки, батерии, USBкабли, USB-аи футроли за таблети) откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавената стока била пронајдена во багажниот простор и под предните седишта од возилото. Против возачот е поведена прекршочна постапка.

Облека

– 440 парчиња маици со кратки ракави, откриени при контрола на автомобил со германски регистарски ознаки, управуван од германски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените маици биле пронајдени во повеќе патни торби сместени во багажниот простор, како и во две патни торби сместени зад предните седишта од возилото, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Мрежи за ловење риби и алуминиумски профили

– 14 парчиња мрежи за ловење риби, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените мрежи биле пронајдени под и пред совозачкото седиште, како и под задните седишта од возилото, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 200 парчиња алуминиумски профили, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените алуминиумски профили биле пронајдени во две картонски кутии сместени во багажниот простор на возилото, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 91 парче женски ташни со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки, пријавено за влез во државата на граничниот премин Дојран, кое пренесувало стока од турски извозник, наменета за увозник од Косово.

– 2.289 парчиња роденденски реквизити (пластични чаши, двослојни хартиени салфетки, печатени балони, хартиени чинии, маски, роденденски цвеќи, пластични прекривки, украсни ленти и капи) со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на стока од грчки извозник, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 1.