Канческа-Милевска ги прими членовите на хорот „Св. Злата Мегленска“

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска ги прими диригентката Летка Полизова-Димовска и дел од членовите на Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“, кој освои значајни награди на 9. „Светски хорски игри“, што од 6 до 16 јули се одржаа во Сочи, Руска Федерација.

Хорот, како единствен претставник од Република Македонија, го освои највисокото признание Светски шампион во категоријата „женски камерни хорови“ и три златни медали во катергориите: световна музика, фолкор и црковна музика. На хорското натпреварување во Сочи учествуваа околу 280 хорови од 76 држави во светот, кои се натпреваруваа во 28 дисциплини.

Канческа-Милевска им се заблагодари за големите успеси кои ги постигнаа и за, како што рече, нивниот огромен влог во промоција на македонската култура секаде низ светот.

„Им се заблагодарувам за нивното огромно вложување, за сите постигнати успеси на овие престижни фестивали, на кои во изминатите години присуствуваше овој хор. Наградите се од огромна важност за Република Македонија. Македонија поседува врвни уметници“ – истакна Канческа-Милевска.

Овие најрелевантни награди од областа на хорската уметност во меѓународни рамки, како што рече министерката, претставуваат голема валоризација на хорското музицирање во нашата земја.

„Особено се значајни бидејќи годинава хорот „Света Злата Мегленска“ прославува три јубилеи – 20 години од формирањето на овој женски камерен состав, 10 години од востановувањето на традиционалната манифестација „Божикни свечености Божик-Слава“ и 40 години диригентска дејност на Летка Димовска-Полизова, која е основач на хорот „Св. Злата Мегленска“ – рече Канческа-Милевска.

Таа нагласи дека досегашните успеси на хорот „Св. Злата Мегленска“ се резултат на нивната упорна работа, вложениот труд и љубовта кон музиката. Од многубројните меѓународни настапи низ целиот свет: Англија, Франција, Италија, Грција, Словенија, Полска, Португалија, Германија, Белгија, Луксембург, хорот секогаш се враќа со највисоките признанија и награди.

Канческа-Милевска изрази уверување дека хорот „Св. Злата Мегленска“ низ својот уметнички израз и во иднина, на автентичен начин ќе ги презентира и ќе ги афирмира вредностите на македонското творештво и квалитетот на македонската музика во светот.

Диригентката Полизова-Димовска се заблагодари за поддршката која, како што рече, е драгоцена и им дава желба и ги поттикнува за да одат напред.

„Прекрасно е чувството кога знаеш дека онаа доверба што ќе ти ја даде државата, ја исполнуваш и возвраќаш со успеси на меѓународно ниво“ – рече Полизова-Димовска.

Во 2014 година, хорот „Св. Злата Мегленска“ на Светските хорски игри што се одржаа во Рига имаше исклучителен успех. Освои два златни медала во категориите световна музика и фолклор и еден сребрен медал во категоријата духовна а капела музика.

megle_2