Во насока на продлабочување на соработката со бизнис заедницата, Царинската управа на Република Македонија организираше работни состаноци во сите подрачни царинарници: Битола, Скопје, Куманово, Штип и Гевгелија, како и на централно ниво во просториите на Царинската управа во Скопје.
На состаноците присуствуваа околу 100 претставници на компании и тоа: компании од областа на текстилното производство, т.н. „лон“ производство, производители и увозници на акцизни добра, транспортни и шпедитерски компании, претставници на компании – странски инвеститори, како и претставници на странски компании кои имаат намера да започнат со работа во Република Македонија.
За време на работните средби изнесени беа предлози за подобрување на меѓусебната соработка, подобрување на царинското и акцизното законодавство, прашања поврзани со последните измени на Законот за акцизите кои стапија во сила на 1 ви јули 2016 година, можни измени на одредени правилници во насока на забрзување и олеснување на царинските постапки. Претставниците на компаниите беа информирани за суштината на поедноставените постапки, предностите од нивно користење и условите кои треба да ги исполнат за да бидат корисници на истите. Исто така, посочена беше можноста за царинење на граничните премини, можноста за користење на усна декларација посебно во делот на т.н. брзи пратки. На претставниците на компании – странски инвеститори им беа претставени можности за поедноставени постапки, увозот за облагородување со систем на одложено плаќање на давачките и сл. Со претставниците на транспортни компании се дискутираше за искуствата со транзитните постапки по примената на Конвенцијата за заеднички транзит од 1 јули 2015 година.
Царинската управа ќе продолжи своето работење континуирано да го доближува до интересите на бизнис заедницата, како и на сите учесници во царинските постапки, преку заеднички организирани состаноци и отворена дискусија каде ќе се слушаат нивните размислувања и предлози за поефикасна и поефективна соработка.