Предавање на акредитиви од страна на новоименуваните амбасадори на Обединетите Арапски Емирати и на НР Бангладеш

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Обединетите Арапски Емирати и на Народна Република Бангладеш за Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Обединетите Арапски Емирати за Република Македонија со седиште во Рим, Н.Е. Сагер Насер Алраиси, претседателот Иванов изрази уверување дека во периодот што следува ќе се изнајдат нови форми за содржинско збогатување на билатералната соработка во повеќе области од заеднички интерес.

Претседателот Иванов изрази задоволство од досегашните договори за соработка кои претставуваат подлога за интензивирање на економската соработка и привлекувањето инвестиции кои ќе бидат од заеднички бенефит и за двете земји. Амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати, Алраиси изрази подготвеност за унапредување на соработката во повеќе области, особено во областа на трговската размена, научната и технолошката соработка, како и соработката во областа на земјоделството и туризмот.

Македонскиот претседател на средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Бангладеш за Република Македонија со седиште во Мадрид, Н.Е. Хасан Махмуд Кандкер, изрази очекување за развој и унапредување на меѓусебните односи на двете земји, со посебен интерес за интензивирање на соработката во сферата на економијата. Истакнувајќи ги глобалните предизвици, со акцент на терористичките напади што го потресуваат светот, претседателот Иванов изрази длабоко сочувство кон граѓаните на Бангладеш по повод неодамнешниот терористички напад.

„Само со максимална соработка и придонес во борбата против тероризмот можеме да изградиме мир и стабилност”, подвлече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

banglades