Трет ден на „ДримON“ – Сираци на татковината Книжевното и музичкото (независно) издаваштво – два паралелни универзума

Дебатата на третиот ден на Фестивалот за процесирање култура „ДримON“, кој се одржа вчера, 29 јули, ги опфати прашањата за независното издаваштво во два сегменти – книжевно и музичко издаваштво. На Летната сцена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, публиката имаше можност да чуе и да се вклучи во разговорот кој го модерираше Виолета Качакова, со панелистите Владимир Јанковски, Мирко Попов и Александар Видиновски.

Главните точки за коишто се дебатираше беа компарацијата на музичкото и книжевното новинарство, можностите како автор и дистрибуцијата на материјалот.

На почетокот на дебатата, модераторката посочи дека независно издаваштво е проблематичен термин кој што може да нè одведе во друга насока доколку настане дебата на дефинции. Затоа, таа настојуваше на издаваштво што не од јавните институции на власта и е програмски независно без разлика на финансиските средства.

Владимир Јанковски, уредник на издавачката куќа „Магор“, рече дека книжевното издаваштво не би можело да постои доколку не добие домашни или меѓународни фондови.

„Културата е скапа работа. Според пазарот, културата не би можела да постои, ниту големите книжевни дела не биле создавани врз основа на големиот пазар. Доколку таа стане пазарен производ ќе изгуби од својата автентичност“ – рече Јанковски.

Тој додаде и во годишната програма на Министерството за култура се става акцент на квантитет отколку на квалитет.

„Изборот на делата не гарантира дека можат да се исполнат критериумите. Квалитетот не може да се докаже и види, процедурите не гарантираат дека најквалитетните книжевни дела ќе добијат финансиска поддршка“ – посочи Јанковски.

Беше начнат и делот со преводната литература. Јанковски објасни дека издавачките куќи се извршители кои треба да аплицираат на тендер за да ги реализираат преводите.

„Според мене мора да постојат преводи. Вакви мали средини како Македонија, би се задушиле доколку не постојат преводи на странски дела и автори. Објавувањето странски автори може да влијае позитивно на многу нивоа, се зголемува информираноста што се случува на современата светска книжевна сцена“ – додаде тој.

Во однос на музичкото издаваштво пак, Качакова посочи дека со новите медиуми, музиката има напревено чекор напред во однос на пристапност кон слушателите.

Мирко Попов од „PMG recordings“ изјави дека во музичкото издаваштво нема користење регионални и национално фондови, туку сето тоа е самофинансирање.

„Се чувстувам како во паралелен универзум со книжевното издаваштво. Во музиката многу лесно може да зборуваме за независност во издаваштвото, имаме визија и таа визија ја нудиме на пазарот“ – рече тој.

Објасни дека музичките издавачи мораат да се потрпат на сопствените сили и на своите финансиски можности.

„Доаѓам од средина каде уметноста е начин на живот, и истата ја креираме во музика. Уметноста е меѓу нас, ние зависиме од реакцијата на оние кои треба да дојдат и да видат што работиме. Доколку немаш одредено движење што ќе те следи и ќе се интересира за твојата музика, тогаш нема да постоиш. Кај нас на пазарот се работи за тотален фронт, организираш журки, концерти за да го навлечеш вниманието и да го фокусираш пазарот на твојот звук. Македонската независна сцена има супер креативност и една од најреалните сцени на овој културен пазар“ – рече Попов.

Александар Видиновски од „Sound Diffusion“ и „Argumento Music“, објасни дека во неговиот случај, тие мораат да земат кредит за да ја издадат музиката.

„Поразлично од „PMG recordings“ е тоа што нашите плочи се продаваат во странство. Не дека сме нешто подобри, туку едноставно практикуваме uderground електронска музика и најчесто плочите ги купуваат DJ од насекаде низ светотѐ“ – рече тој.

Видиновски објасни и за важноста на дистрибутерот.

„Кога зборуваме за плоча, дистрибуцијата е многу битна затоа што мораш физички да ги однесеш плочите. Најчесто дистрибутерите се оние коишто ги штампаат тие плочи, што го прави процесот многу полесен. Ако успееме со тие пари од проджбата да ја финансираме наредната плоча тогаш ние сме цареви, што ретко се случува“ – додаде Видиновски.

Овој ден беше во целина посветен на 25-годишнината од основањето на култната радио станица „Канал 103“. Така, за време на дебатата, а и потоа, публиката имаше можност да види и видео програма од архивата на „Канал 103“, како и други архивски материјали кои беа изложени на Летната сцена.

Вечерта финишираше со Концертите на „Милко“, „Кантон 6“ и диџеј сет на Мирко Попов.

Последен ден на „ДримON“

Последниот ден, симболично насловен „Колку е часот?“ ќе ги преиспита сите прашања кои беа поставени на ова четврто издание, ќе ги сумира заклучоците, темите кои се зачнале на ова издание. Организаторите, Иницијатива за независен културен активизам ќе запрашаат: „Каде се движиме како општество и како во целата оваа загаденост, шунд, етикетирање и несигурност, да се протне и преживее независната културна и критична мисла?“.

Чил аут зоната во дневниот термин на пладне ќе ја прикаже „Семе“, детската претстава на Театарот на сенки – „Сенки и облаци“. Од 14 часот следи излагањето на здруженијата „Арсена“ и „Аква“, кои ќе презентираат свои.

Од 17 часот е работилницата со графити со Хром, а во истиот термин е и диџејскиот сет на Шурге. Промоцијата на книга и музички перформанс со Александар Прокопиев е од 19 часот.

Во терминот од 20 часот на главната сцена ќе се одигра театарската претстава „Госпоѓица Јулија“ на Театар „Фабрика“, а финалето на фестивалот ќе го заокружи концерт на „Стринг форсис“ и диџеј сет на Дефект 13.

Четвртото издание на „ДримON“ се одржува од 27 до 31 јули во Струга и е овозможено со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).