Охрид преполн со гости од земјава и странство

Најголемиот туристички центар во државава, единствениот Охрид „врие“ од гости и туристи од земјава и странство. Хотелските и приватните капацитети се исполнети до последно место. Гостите кои уживаат долж охридската ривиера можат да се видат на секој чекор, по охридската чаршија, плажите, по рестораните и кафе баровите.

Посетителите презадоволни од убавините на Охрид, но и од инфраструктурните зафати кои битно влијаат во привлечноста на градов.

„Секоја година со семејството доаѓаме во Охрид. Градов од година во година е се поубав и попривлечен. Евидентно е дека се работи, се гради и се разубавува Охрид. Преубава е оваа патека која води кон некогашниот хотел „Парк“. Плажите ви се средени, шеталиштето, се е убаво тука“ – вели турист од Скопје кој секоја година летува во Охрид.

Гостите задоволни од услугата, а и туристичките работници велат дека се бара место плус за да се ужива на Охридското Езеро.

Голем удел во успешноста на туристичката сезона имаат силните и прогресивни промотивни и маркетиншки активности кои во изминативе три години ги спроведува локалната самоуправа кои продолжуваат тековно. Секако во успешноста на сезоната големо влијание има и воспоставувањето на директните авио линии од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“до светските дестинации и обратно за чие воведување голем удел и влијание имаше охридската локална власт.

Културните содржини за сечиј вкус, бројните концерти на домашни и странски уметници меѓу кои на Дино Мерлин, а и најавените на легендарниот гитарист Ал Ди Меола како и на рок групата „Продиџи“, традиционалните фестивали и внесувањето на нови содржини во туристичката понуда го прават Охрид привлечен за сите генерации, деца, млади и возрасни.

Охрид е интересен и разнолик во својата понуда за сите туристи. За едни градов е привлечен поради езерото и културно – историските знаменитости, но многумина се почесто го посетуваат и поради активните форми на туризам, околните планини и природата воопшто, кои се се поактуелни и се во полн подем на развој.