Вечерва, во 21 часот, во црквата „Св. Софија“ во Охрид, во рамките на програмата на фестивалот „Охридско лето“, концерт ќе одржи камерниот оркестар „Хортус Музикус“ од Естонија.
„Хортус Музикус“ е еден од најстарите ансамбли во Источна Европа. Основан е во 1972 година од страна на неговиот уметнички директор и диригент Андрес Мустонен, и оттогаш постојано е присутен на светските концертни сцени во Соединетите Американски Држави, Јужна Америка, голем број европски земји, Израел, Русија и Јапонија. На репертоарот на овој ансамбл, покрај останатите дела, се наоѓа и музика која датира уште од VIII век – Грегоријански напеви, органуми, средновековни литургии, химни и мотети, дела на композиторите од Франко-фламанската школа итн. И современата музика е дел од нивните концертни програми. Имено, повеќе современи композитори имаат создадено дела посветени токму на овој ансамбл.
На програмата ќе бидат изведени „Кармина Бурана“ од Карл Орф и традиционални еврејски песни.