Премиера на претставата „Бар-Ремарк“ на „Охридско лето“

Народниот театар од Битола вечерва во рамки на фестивалот „Охридско лето“ премиерно ќе ја изведе својата најнова претстава „Бар-Ремарк“, поставка на рускиот режисер Александар Баргман, работена според делото „Тројцата воени другари“ на Ерих Марија Ремарк. Премиерната изведба на „Бар-Ремарк“ ќе се одигра со почеток во 21 часот, во предворјето на црквата „Света Софија“.

„Кога се читаат делата на Ремарк се стекнува впечаток дека секое му е автобиографско. Со оглед на неговата голема вештина да опишува различни ситуации и стил на пишување разбирлив за секого, отворајќи различни прашања и покажувајќи извонредна писателска моќ, овој книжевен великан и миленик на читателите до најситен детал ја опишува секоја ситуација.

Водејќи ја приказната од Првата светска војна, претставата ќе ја наследи животната приказна за луѓето кои поминале низ стравот и ужасот на војната и нивната немоќ да се ослободат од сенките на минатото.

Но иако стравотиите и ужасот од војната беснеат насекаде, претставата во суштина е љубовна приказна пренесена преку играта на изворедната актерска екипа.“– велат од Охридско лето.

Александар Баргман е роден на 20 јуни 1970 година во Душанбе. Баргман е руски филмски и театарски актер. Работи како извршен директор на театарот „Вера Комесаржевскаја“ и како уметнички директор на театарот „Такој“.

Во 1991 година дипломира на Рускиот државен институт за изведувачки уметности, а потоа работи на Рускиот државен академски драмски театар. Од тогаш до денес има остварено бројни улоги, режисер е на повеќе претстави, добитник е и на многу признанија и награди.