Од денес исплата на заостанатите плати на рударите од Злетово и Тораница

Денеска започнува исплатата на трите заостанати плати на рударите од Злетово и Тораница, од претходната стечајна постапка. Станува збор за плати кои што не биле исплатени од претходните сопственици.

„Рударите може да очекуваат во следните неколку денови да ги добијат тие средства кои неправедно од претходните сопственици не им беа исплатени. Од продажбата од имотот на двата рудници првенство на наплата ќе имаат овие рудари,“ вели заменик министерот за економија, Христијан Делев.

Бугарски „Минстрој“ веќе станаа и официјално сопственици и ги добија имотните листови со што се впишани како официјални сопственици на двата рудници. Со тоа прарелно аплицирале за сите потребни дозволи од Министерство за економија и од Министерство за животна средина.

„Очекуваме во наредните две до три недели да ги добијат тие дозволи кои што се многу важни за понатамошна експлоатација во двата рудници. Едниот е рударскиот проект кој треба да го одобри Министерство за економија и вториот е студијата за животна средија која треба да ја одобри надлежното министерство“, информира Делев.

Во моментов информира Делев, се ангажирани околу 160 луѓе во двата рудници кои работат интензивно на припремите за рестартирање на рудниците. Двата рудника подолго време беа запуштени со што ќе биде потребно извесно време за да се доведат до ниво на безбедност.

„Моментално се работи на припреми за флотацијата. Се реновира комплетно делот на флотацијата со една нова технологија која што ќе ги задоволува новите стандарди. Очекуваме дека во наредните неколку месеци како што вети инвеститорот, ќе бидат вратени сите рудари кои биле ангажирани во двата рудници. Очекуваме етапно во наредните неколку месеци сите рудари да се вратат на своите работни места и двата рудници да работата со полна пареа,“ подвлекува Делев.

Исто така, во наредните две до три недели ќе биде објавен оглас за 5 нови локации за детални геолошки истражувања од кои три локации за металични содржини за кои што веќе има одредени прелиминарни податоци, дека во истите имаат поголем процент на метал.

Во моментов тече и оглас за термоминерални води. Станува збор за користење на термоминералните води од локалитетот Стрновец.