Вкупно 26 прекршоци и кршење на одредбите на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во текот на минатиот месец, регистрира СВР Охрид на велосипедско-пешачката патека на потегот од мостот на каналот „Студенчишта“ до угостителските клубови.
Најголем број прекршоци, вкупно 20, се сторени спротивно на законската одредба според која учесниците во сообраќајот се должни да се придржуваат кон ограничувањата, забраните и обврските изразени со поставените сообраќајни знаци. Прекршоците се сторени со непочитување на одредбата дека сопственикот на возилото, не смее да запре или паркира возило на велосипедска патека односно лента и на тротоар односно пешачка патека. Помал број на сторени прекршоци се однесуваат на неносење заштитна кацига-шлем за време на управување на морторцикл и за моторни возила паркирани на коловозна лента.
СВР Охрид презеде и соодветни мерки кон четири полициски службеници кои во текот на минатиот месец, недоследно ги применувале полициските овластувања во делот на сообраќај, на велосипедско-пешачката патека на потегот од мостот на каналот „Студенчишта“ до угостителските клубови.
Со цел одржување на безбедноста во сообраќајот и доследна примена на одредбите од Законот за безбедбност во сообраќајот на патиштата, СВР Охрид, ќе продолжи со доследна примена на полициските овластувања како и со изрекување соодветни казни на прекршителите на Законот.