Во последните неколку години Министерството за култура поддржа бројни проекти од областа на културното наследство, неговата соодветна заштита, промоција и афирмација. Како резултат на тие вложувања Р.Македонија стана атрактивна туристичка дестинација за бројни домашни и странски турситисти.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска истакна дека придобивките од вложувањето во сите проекти за заштита на културно наследство се огромни.
„Наша цел беше соодветно да ги заштитиме и презентираме наодите кои беа пронајдени при бројните археолошки истражувања низ целата држава, да го реставрираме и ревитализираме нашето недвижно културно наследство, да ја унапредиме музејската дејност и преку софистицирани технички методи и интерактивна презентација да го доближиме до секој посетител на нашите институции највредното од фундусот на културното богатство на нашата држава, но и да го презентираме нашето културно материјално и нематеријално наследство пред светот“, истакна Канческа -Милевска.
Таа посочи дека во изминатите години биле истражувани повеќе од 60 локалитети на целата територија на Република Македонија при што биле пронајдени повеќе од 500.000 артефакти од различни епохи. Дел од нив биле изложени и презентирани во постоечките институции, а дел во поставките на новите музеи, кои во последните години се отворија во Република Македонија.
Канческа-Милевска информираше дека сите овие артефакти кои го отсликуваат нашето културно наследство биле интересни за многу домашни и странски туристи. Само во Археолошки музеј кој беше отворен пред две години биле изложени 8.500 артефакти кои ги виделе 60.000 туристи.
Музејот на македонската борба за само 5 години од своето постоење го посетиле повеќе од 250.000 туристи. Рекордна посетеност од 700.000 посетители од целиот свет бележи и Спомен Домот на Мајка Тереза како и Спомен куќата на Тоше Проески во Крушево кој досега ја посетиле над 250.000 посетители. „Музејот на вода” во Охрид кој стана возбудлива културна и туристичка атракција досега го посетиле 300.000 домашни и странски туристи од целиот свет.
За развојот на музејската дејност, Владата на Република Македонија и Министерството за култура вложија многу напори и средства, да се збогатат и да се уредат по најновите светски стандарди и останатите музејски поставки во државата кои ги содржат највредните артефакти кои се карактеристични за градот или регионот во кој се наоѓаат, рече Канческа Милевска.