За случајот „Јагула“, поднесено обвинение против поранешниот градоначалник на Охрид

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе обвинителен акт против поранешниот градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ, Александар Петрески, за предметот познат како „Јагула“, за едно продолжено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување и за кривично дело примање поткуп. Обвинение е поднесено и за Г.С., како помагач за едно продолжено кривично дело, злоупотреба на службената положба и овластување.

„Имено, во ноември 2014 година, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против 16 лица, меѓу кои и пет државни службеници вработени во Општина Охрид и пет управители на трговски друштва. Осомничените се товареа дека во периодот од 2006 до 2013 година при вршење јавни набавки за потребите на Општина Охрид, сториле злоупотреба на службена положба и овластување и други кривични дела, со што за други правни лица прибавиле имотна корист од околу 112 милиони денари, а на штета на Општината“, пишува во соопштението на обвнинителството.

Од обвинителството информираа и дека со пет лица е склучена предлог-спогодба, додека за другите лица донесена е наредба за запирање на постапката.

Извор: meta.mk