Со торта, роденденската „happy birthday“ и концерт на Дамјан Пејчиновски трио, Фестивалот „Охридско лето“ синоќа во прекрасна атмосфера на плажата Куба Либре го прослави својот 56-ти роденден.
Пред бројните љубители на уметноста, пријатели на Фестивалот, директорот на најголемата музичко сценска манифестација, Оливер Арсовски потенцира дека „Охридско лето“ испишува уште една успешна година во богатата фестивалска историја. Заблагодарувајќи се на сите кои ја помагаат манифестацијата, медиумите како и на тимот кој работи на реализација на програмата, Арсовски рече дека „Охридско лето“ ќе биде празник на уметноста и во изданијата кои следат.
Фестивалот „Охридско лето“ официјално својот почеток го бележи со концерт одржан на 4 август во далечната 1961 година, со настапот на оперската певица Ана Липша Тофовиќ. Од година во година „Охридско лето“ се развива по нагорна линија, прераснувајќи во манифестација која претставува пример како треба да се негува и одржува еден фестивал. „Охридско лето“ се одржува секоја година од 12 јули до 20 август. а од 1994 година е редовен член на Европската асоцијација на фестивалите.
Денес, Фестивалот Охридско Лето претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Р.Македонија. Манифестација која ја има поддршката од страна на Владата на РМ преку Ресорното министерство за култура, Претседателот на државата кој воедно е и Покровител на Фестивалот а исто така и значајната поддршка од стопанството преку одделни фирми и претпријатија кои финансиски го помагаат фестивалот.