Легендарниот џез-трубач Артуро Сандовал од Куба, кој денес важи за еден од најценетите чувари на џезот, но и за реномиран класичен музичар, пијанист и композитор ќе настапи вечерва, во 20:30 часот на Античкиот театар во рамки на „Охридско лето“.
На програма ќе бидат изведени повеќе дела од џез-музиката.
Артуро Сандовал е еден од најдинамичните и најенергичните музичари на денешнинава. Добитник е на 10 Греми награди, 6 Билборд награди и една Еми награда. Редовно настапува со водечките симфониски оркестри низ светот, а соработката со некои од најголемите музички ѕвезди денес резултирала со бројни компакт-дискови. Покрај тоа, Сандовал е познат и како композитор на филмска музика.
На Фестивалот ќе настапи заедно со својот бенд – Џон Белзагај – бас, Тики Пасиљас – перкусии, Дејв Сигел – клавијатури, Џони Фрајдеј – удиралки и Кемуел Роиг – пијано.