Јавното обвинителство нема ингеренции да постапува во услови на елементарни непогоди и во случаи каде нема сомнение за сторено кривично дело, се вели во соопштението, што денеска го испратија од таму.
Од Обвинителеството велат дека во неделата дежурниот јавен обвинител бил извесен од Министерството за внатрешни работи, односно Секторот за внатрешни работи Скопје дека има човечки жртви од невремето.
Според Јавното обвинителство, кое се повикува на одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП), надлежен јавен обвинител, издава наредба за обдукција и врши увид на местото само кога постојат сомненија за сторено кривично дело.
„Тој ги даде сите потребни инструкции во рамки на негова надлежност за постапување на полициските екипи на терен. Имено, согласно Законот за кривична постапка (член 246 став 1) – ‘Преглед и обдукција на леш ќе се преземе кога постои сомневање дека смртта е предизвикана со кривично дело’. Со оглед на тоа што во случајот не постоеше сомнение за сторено кривично дело, надлежен јавен обвинител не издаде наредба за обдукција туку даде насока телата на починатите да се однесат во капелата во Бутел за идентификација и потоа да се предадат на семејствата за погреб. Секако, според насоките дадени од јавниот обвинител, за секоја спорна смрт и за лица на кои не може да се утврди идентитетот беше оставена можност дополнително да се врши обдукција“, стои во соопштението.
Оттаму велат согласно Законот за здравствена заштита, обдукција можат да побараат и други институции, како и членови на потесното семејство на жртвите.
„Исто така, согласно Законот за кривична постапка, надлежен јавен обвинител раководи со увидот на лице место само во услови кога постои сомнение за сторено кривично дело. Во конкретниот случај станува збор за елементарна непогода и не постоеше сомнение за сторено кривично дело. Истовремено дежурниот јавен обвинител од страна на полициските екипи беше известен дека на теренот каде беа пронајдени телата не може да се врши увид и фотографирање, затоа што е непристапен и непрооден, а на истиот пристап имаат само специјални единици од МВР и од АРМ со чамци и оклопни возила“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Во невремето, кое го погоди Скопје и околината во саботата вечерта, според досегашните официјални информации загинале 22 лица, а сè уште се трага по 16-месечно девојче, кое е пријавено за исчезнато.
Извор: meta.mk