Ал ди Меола и Продиџи за крај на фестивалот „Ohrid calling“

Со настапот на виртуозот на гитара Ал Ди Меола и светската атракција Продиџи, викендов завршува првото издание на фестивалот „Ohrid Calling“. Во пресрет на двата музички спектакли, раководителот на Секторот за ТЛЕР Ѓоко Апостолов и Денис Илиоски од АВАЛОН продукција, на денешната прес конференција истакнаа дека подготовките за двата концерти течат со посакуваната динамика.

„Ние можеме да го искажаме нашето задоволство од досегашната соработка со АВАЛОН продукција и убедени сме дека одличната организација на настапите на Ники Ромеро и Лост Фреквенси, ќе биде повторена и за престојните концерти викендов. Мислиме дека формата на организирање на првото издание на фестивалот “Ohrid Calling” ги исполни нашите очекувања и верувам дека и во иднина ќе имаме успешни музички спектакли“ –истакна Ѓоко Апостолов.

Денис Илиоски од АВАЛОН продукција, посочи дека се очекува покрај фановите од Македонија, на двата концерти да присуствуваат помеѓу три и пет илјади гости од соседните земји.

„Ги замолувам фановите да купуваат карти само од овластени продажни места, и да не наседнуваат да купуваат карти од трети лица. Контролата е повеќекратна и со фалсификувани карти тешко ќе се пробиете до вашите музички идоли “– истакна Денис Илиоски.

Според проценките викендов во Охрид само за двата музички настани, се очекуваат да пристигнат околу дваесет и пет илјади нови гости.

PressOhridCalling4852