Со низа културни и научни содржини на највисоко државно ниво Охрид и Р. Македонија ги одбележаа 1 100 години од упокојувањето на Св. Климент Охридски – Патрон на градот Охрид. Одбележувањето на јубилејот заврши со Свечена Академија што синоќа се одржа во ЦК „Григор Прличев“ .
Во своето обраќање градоначалникот Никола Бакрачески, истакна:
„Дозволете да ја искажам целата моја почит и почитта на моите охриѓани кон нашиот духовен заштитник и патрон на градот Охрид- св. Климент Охридски.1.100 години од смртта на Светителот и исто толку години од духовното раѓање на неговите следбеници – „плодни дрвја“, од кои со векови и векови вдахновени од „сокот на благотворението“ никнуваат „здрави фиданки“.Духовната големина која достигнува универзална вредност надминувајќи гисетилните хоризонти и перцепцијата на времето, ритмички се повторува во нашата колективна совест „ Да се надминете еден со друг со добрина“. Охрид со св. Климент и со неговиот духовен брат св. Наум пред 1100 години не беше само „обична европска провинција“ туку значајна образовна, културна и духовна европска престолнина од којашто и тогаш, а и сега се шират писменоста и цивилизациските вредности. Нивната посветеност и продуховеност и денес го потсетуваат светот за големите дела, коишто доаѓаат од еден мал народ. Токму затоа делото на св. Климент е нашата духовна, културна и национална инспирација. Учителот со целото свое битие ја иселува рамнодушноста спрема Божјата реч, ја искоренува жестокоста, суровоста и грубоста, а населува мир и нелицемерие меѓу луѓето. Од неговата висока етичка размисла ќе блеснат севременските поуки: „Нема ништо полошо од морална несвесност “, зашто и денес громогласно порачува „Тргај се од злото и прави добро“.Св.Климент е уникатен медиум „за промена на мислите кон кротост и човештина“. Нашиот учител го вкоренува кодот на добрата мисла и препознатливата мирољубивост, а Македонецот вечно го поврзува со Бога создавајќи една поцврста морална структура на цел еден народ. И кога од патрон ќе наследиш црква, писмо и благослов, тогаш и наследуваш завет достојно да ги чуваш и пренесуваш, а неговите пораки и по 1.100 години отсега па натаму, ќе бидат актуелни и свети зашто сè она што потекнува од Создателот е универзално, надвременско и неуништиво. Велат: „Оној што подучува во морал е прав татко“. Нашиот прататко, столбот на македонскиот народ и ориентирот на нашите деца нека бдее вечно над нашиот град, а неговиот фенер полн светлина нека свети во срцето на секој Македонец осветлувајќи му го патот, отворајќи му ги очите, охрабрувајќи го во својата издржливост и доследност и потсетувајќи го секогаш и секаде дека Бог е во секој од нас“-рече Бакрачески.
Поздравно обраќање имаше Претседателот на државава д-р Ѓорге Иванов, под чие покровителство се одржа манифестацијата. Обраќајќи се на присутните Претседателот истакна:
„Вашето учество на оваа свеченост е израз на свеста дека сите ние кои сме дел од Словенството како јазична заедница сме рамноправни Климентови наследници. И како наследници имаме споделени права, но и должности. Должности да се грижиме за она што ни е оставено , меѓусебно да го споделуваме и да го пренесуваме на идните поколенија. Нешто за што очигледно дека не се трудиме доволно. Живееме во време на длабоки кризи. Европа се соочува со неразрешената финансиска и кредитна криза, со актуелната мигрантска криза и се посериозната безбедносна криза. Но, сите овие кризи произлегуваат од длабоката морална криза во која се наоѓа целото човештво, вклучително и нашите општества. Општества во кои го прегрнавме напредокот, но притоа некритички ја отфрливме традицијата. Се обидовме да ја градиме и да ја развиваме нашата современа цивилизација, сведувајќи ја етиката на ниво на личен избор. Слободите и правата ги одвоивме од должностите и одговорностите. Свети Климент го фалиме, без да го послушаме. Се повикуваме на него, без да видиме на што не повикува тој нас. Последиците од ова скршнување ги чувствуваме сите ние, а особено нашите млади“– потенцира Иванов.
Претседателот на Македонската Академија на Науките и Уметностите, Таки Фити говореше на тема, „Трајните пораки на Св. Климент Охридски со кои опстојуваме низ столетијата“. Академик Фити се заблагодари и на локалната власт за доприносот во успешната организација на настанот и континуираното негување на култот кон Светецот.
„На нашите драги домаќини, кои широко ни ги отворија портите на древниот Охрид и на неговите цркви и паметници, сакам да им порачам да ја чуваат и да ја негуваат Светиклиментовата традиција, зашто повеќе од еден милемиум, како што добро ќе забележи акад. Цветан Грозданов, „…во свеста и во верувањето на охриѓани постои идентификација со моќта и силата на Светиклиментовото духовно зрачење, кое трае до наше време. Тој избавува од болести, несреќи, глад и од војни, а сето тоа влијае неговиот лик да биде застапен во фрескоживописот и иконописот на охридските цркви. Не постои храм во Охридскиот регион каде што не е застапена фигурата на св. Климент и тоа е факт којшто се провлекува и живее до наше време.“ На нашите драги пријатели од академиите на науките и уметностите, кои со своето присуство и со своите обраќања го возвеличија денешниот настан посветен на грандиозното дело на св. Климент, сакам да им порачам дека ние сме длабоко свесни за фактот дека свети Климент Охридски, како еден од најпознатите и најверни следбеници на светите браќа Кирил и Методиј, им припаѓа на сите словенски народи, на целиот словенски род и дека тој даде особен придонес во создавањето на словенската цивилизација, позната како цивилизација на писмото и книгата и на нејзиното место и значење во европски рамки. Затоа, наша обврска е низ континуирани научни истражувања заеднички да ја проучуваме словенската цивилизација од нејзините почетоци до денешни дни. Тоа е наш долг кон нејзините основоположници, долг и творечки напор кој мораме да го негуваме, да го развиваме и да им го пренесуваме на поколенијата што доаѓаат по нас. Затоа, Светителу наш, чествувајќи ја 1100-годишнината од Твоето упокојување, се поклонуваме пред Тебе и пред Твоето грандиозно дело. Радувај се, Клименте, зашто денес Те славиме со уште поголема верба во Тебе, а со Тебе и во нашата иднина“– подвлече Фити.
На Свечената Академија посветена на Св. Климент Охридски пригодни обраќања имаа и Претседателите на Науките на Академии од соседните балкански држави кои изразуваа благодарност за поканата да бидат дел од манифестацијата, а изразуваа и сочувство за немилите настани и поплавите со човечки жртви кои ја зафатија Македонија.
Во рамки на одбележувањето на значајниот јубилеј денес во црквата Св. Софија беше отворена изложбата„Портретите на Свети Климент Охридски во ликовната уметност на Македонија и на соседните земји“, а концерт одржа Симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија и солистите Ана и Игор Дурловски.
Носителите на настанот кој се однесува на одбележувањето на 1 100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски се, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, Општина Охрид, Македонската академија на науките и уметностите и универзитетот „Св. Климент Охридски” од Битола.